Македонија
Новинарските организации го осудија односот на Бектеши кон новинарката од „Канал 5“
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) најостро го осудуваат односот на министерот за економија Крешник Бектеши кој денеска за време прес конференција на недоличен, дрзок и неприфатлив начин искоментира дека новинарката од Канал 5 телевизија Катерина Капкоска поставува прашања во име на другите колеги новинари, наместо да одговори на конкретно прашање од јавен интерес.
Имено, станува збор за прашање поврзано со порастот на цената на природниот гас, поставено од страна на колешката за време на прес во Владата, на чија покана медиумите одговориле со своето присуство, Бектеши наместо соодветен одговор на прашање, на Капкоска и било одговорено на следниот начин:
„Добра соработка невероватно имате со колегите. Значи, ви ги даваат нивните прашања што сакаат да ги постават… но нема проблем…“
На истиот настан, новинарот Огнен Чанчаревиќ го осудува директно однесувањето на министерот Бектеши, на што добива одговор од него дека новинарите се тука за да поставуваат прашања, а не да даваат коментари.
„Не станува збор за изолиран случај, туку за негативен тренд на однесување кон новинари што бележи пораст. Токму затоа, ЗНМ ќе ги извести партнерските организации, вклучувајќи ги и ОБСЕ, Европската Федерација на новинари – ЕФН и Совет на Европа.
Државните функционери, се во служба на јавноста и не смее да постои ваков начин на комуникација, кој е крајно несоодветен, непримерен, дрзок и навредлив кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да и бидат пренесени информациите. Несоодветното однесување со новинарите, кои играат важна улога во информирањето на јавноста, може да ја поткопа довербата во носителот на јавната функција, како и во институцијата што ја претставуваат. Ова може негативно да влијае на угледот и на поединецот и на организацијата, што потенцијално ќе доведе до последици како што се губење на довербата на јавноста, намалена јавна поддршка, па дури и формални санкции. Затоа е важно тие да се однесуваат на начин кој е со почит и професионален однос кон новинарите, дури и во предизвикувачки ситуации.
Следејќи ги овие упатства, министерот може да се погрижи да се однесуваат на начин кој е професионален и со почит кон новинарите, а истовремено и ефективно да ги соопштува нивните пораки до јавноста“, велат од ЗНМ и СЕММ.
Само за потсетување, ова е четврт негативен испад на политичар кон новинари во изминатиот период, а првите три беа на Димитар Ковачевски, Али Ахмети и вчерашниот случај во МОН, со советникот на министерот Јетон Шаќири. Крајно време е функционерите да ја сфатат сериозноста на својата позиција пред јавноста и да престанат со дирекни вербални напади и инсинуации за професионалниот пристап кон работатa на новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

