Регион
(Видео) Бугарски портали: Македонските полицајци го тепаа бугарскиот пратеник Георгиев
На граничниот премин меѓу Бугарија и Северна Македонија – Гуешево-Деве баир македонските полицајци му се заканувале и го тепале пратеникот на „Вазраждане“ Ангел Георгиев, а со него биле и бугарски државјани, пишуваат бугарските портали.
Како што пишува бугарскиот портал „24 Часа“, бугарски државјани подолго време биле задржани на граничните пунктови за Северна Македонија. Денеска многу луѓе патуваат поради 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Но, македонските власти долго време не ги пуштаа автомобилите со образложение дека имаат проблем со системот.
Бугарските портали објавија и видео преземено од фејсбук профилот на Георгиев, кој покажува автомобили наредени, кои со часови чекаат да ја поминат границата.
Во видеото се слуша како маж вика кон граничарите дека македонските власти привеле маж од автомобил кој чекал на граница.
„Зошто го внесовте, зошто го правите ова“, им викал човекот на граничарите. После тоа започнал судир меѓу македонските граничари и Бугарите.
Пратеникот од „Вазраждане“ пред две недели стана татко. Од прес центарот на партијата засега нема информации за неговата состојба, пишува бугарскиот портал „24 Часа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србите објавија детали за дочекот на кинескиот претседател во Белград: „Вучиќ ќе му служи српски вина“
Претседателот на Кина, утре пристигнува во дводневна посета на Белград, а во тек се последните подготовки за неговото пристигнување.
Тој ќе биде придружуван од делегација од 400 луѓе, а ќе го обезбедуваат 3.400 полицајци.
„Блиц“ го објави планот за неговиот пречек.
Кси на аеродромот ќе биде пречекан со свечена церемонија и фолклор. Покрај патот во Белград ќе бидат поставени кинеско-српски знамиња, а на надвозниците ќе бидат испишани пораки.
Свечен дочек ќе биде организиран и пред Палатата Србија. Српскиот и кинескиот претседател ќе потпишат триесетина договори.
За време на ручекот ќе се служат српски јадења и вина, а претседателот Вучиќ лично ќе служи Џинпинг со српски вина, од пенливи до десертни вина, од кои повеќето се автохтони српски сорти.
Девојка од Србија ќе ја отпее песната „Татковино и јас“ на кинески, додека хорот „Чаролије“ ќе ја изведе песната „Прекрасен јасмин цвет“, исто така на кинески. .
Програмата ќе заврши со песната „Ова е Србија“, објави српскиот портал.
Регион
(Видео) Вo Шпанија уапсен еден од најбараните наркобосови во Србија
Шпанската полиција разби српска организирана криминална група осомничена дека го нападнала домот на ривалскиот клан од Србија минатиот јануари. Во акцијата беа уапсени 11 лица, меѓу кои и лидерот, по кого Србија распиша потерница уште во 2021 година.
Во провинциите Малага, Мадрид и Барселона се извршени апсења поради вмешаност во криминални дејствија – киднапирање, грабеж со насилство, недозволено поседување оружје, телесни повреди, фалсификување документи, трговија со дрога и членство во криминална организација.
Во акцијата на шпанската полиција одземени се три парчиња огнено оружјо. На некои им беа избришани сериските броеви. Запленети се и сто парчиња муниција, седум лажни лични документи, дрон и 16.000 евра во кеш.
Извршени се и седум претреси, од кои пет во Естепона.
Меѓу уапсените е и водачот на криминална група по која Србија распишала потерница во 2021 година. Тој е еден од најбараните луѓе во Србија.
Регион
300 милиони луѓе го гледале интервјуто на Вучиќ за кинеската телевизија
300 милиони луѓе го гледале интервјуто на српскиот претседател Александар Вучиќ за кинески CCTV.
Вучиќ во интервјуто посочи дека Србија може и треба да научи, како што наведе, „илјада работи од своите кинески пријатели“.
– Правиме големи подготовки за ЕКСПО. Кога управувате со земја имате високи цели. Секогаш мора да ги ставате новите цели на прво место. Ако сакаме да го постигнеме тоа, најдобар можен партнер за тоа отсекогаш била, и секогаш ќе биде, Народна Република Кина. Тука е и претседателот Кси, бидејќи тој секогаш го држи зборот. Го гледам како обичен, скромен човек, кога ќе вети нешто, го исполнува. Не можам да ви кажам дали имаме големи работи во железничкиот сектор, целокупната инфраструктура или индустрискиот сектор, економијата, туризмот, културата, но секако има илјадници работи што можеме и мораме да ги научиме од нашите кинески пријатели – рече Вучиќ во интервјуто за кинеската телевизија.