Свет
Русија и Украина: Ситуацијата на фронтот се потешка, вели Зеленски, а шефот на Вагнер тврди дека има тепачки за секоја куќа во Бахмут
Од недела, речиси една година од почетокот на руската инвазија на Украина, стапи на сила речиси целосно ембарго за извоз на руска нафта, а ситуацијата на фронтот станува се потешка, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според него, сега е „многу тешко“ во Бахмут во областа Доњецк, како и во регионот на Одеса.
Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин изјави дека во Бахмут се водат жестоки борби, иако извештаите на руските „воени дописници“ го тврдат спротивното.
Центарот на Харков, вториот по големина град во Украина, беше погоден од ракетни напади, при што петмина беа повредени. Ракети погодија станбена зграда и универзитетска зграда.
Шефот на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, преку Телеграмскиот канал на прес-службата рече дека, спротивно на некои извештаи, во Бахмут „се уште се водат жестоки битки за секоја улица, секоја куќа, секое скалило“.
„Вооружените сили на Украина не се повлекуваат никаде. Вооружените сили на Украина се борат до последно“, рече тој.
Претходно рускиот провоен канал Варгонзо, повикувајќи се на информации од борците на Вагнер, објави дека украинската армија се повлекла од северните региони на Бахмут.
Во текот на изминатата недела, Русија продолжи да постигнува одреден напредок во напорите да го опколи градот Бахмут, се вели во извештајот на британското Министерство за одбрана.
До почетокот на неделата, формациите на Вагнер, најверојатно, презедоа алтернативен пат и останаа само неколку правци за снабдување на украинските сили низ земјата, а Бахмут стануваше сè поизолиран.
Во петокот во Киев се одржа самитот Украина – ЕУ, но освен пораката дека Украина има место во Унијата, не беше наведен датумот на влез на земјата во политичката и економската заедница на европските држави.
Освен декларативна поддршка, од Киев се бара истото како и од другите земји кандидати, а тоа се владеење на правото и решителна борба против корупцијата.
Украинските власти во последните денови најавија одлучна борба против корупцијата, а сменети се и неколку функционери.
Истиот ден од Америка пристигна вест дека е одобрена нова транша од воената помош за Киев во вредност од 2,2 милијарди евра.
Оваа помош, како што соопшти Пентагон, ќе вклучува и ракети со дострел од 150 километри, кои „ќе и овозможат на украинската армија да гаѓа цели длабоко во руската позадина“, што сега не може да го направи,пренесе Б92.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лавров: ЕУ и НАТО се обединија против Русија
Речиси сите членки на Европската Унија и НАТО се обединија за да ѝ нанесат стратешки пораз на Русија со започнување војна против Москва преку нацистичкиот режим во Киев, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Во видео порака што беше прикажана за време на церемонијата на отворање на VIII Глобален форум на млади дипломати, Лавров рече дека пред 80 години Русија ѝ нанесе решителен пораз на „нацистичка Германија, која ја обедини практично цела Европа во тоа време под своето знаме украсено со свастика“, пренесува РИА Новости.
Лавров рече дека оваа година се одбележува 80-годишнината од победата во Втората светска војна и Големата патриотска војна, како и 80-годишнината од основањето на ООН, и дека значењето на овие настани, кои беа пресвртница за целиот повоен светски поредок, не може доволно да се нагласи.
„Важно е да се потсетиме на ова денес, кога Берлин упатува неодговорни повици повторно да ја направи германската армија најсилна на континентот и кога речиси сите членки на Европската Унија и НАТО повторно се обединија за да ѝ нанесат стратешки пораз на нашата земја со започнување војна против Русија преку нацистичкиот режим, кој нелегално беше доведен на власт со државен удар во февруари 2014 година“, рече Лавров.
Тој рече дека Руската Федерација, како постојана членка на Советот за безбедност на ООН и најголемата евроазиска сила, е целосно свесна за својата посебна одговорност за зачувување на меѓународниот мир и безбедност.
Лавров нагласи дека Русија продолжува енергично да работи на создавање поправеден светски поредок, кој мора да се базира на принципите на Повелбата на ООН и мора да ја земе предвид целата културна и цивилизациска разновидност на светот.
Фото: принтскрин
Свет
Азаров: ЕУ ја претвора Украина во воена населба по должината на границата со Русија
Поранешниот украински премиер Никола Азаров изјави дека Европската Унија постепено ја претвора Украина во „воена населба“ по должината на границата со Русија, што, како што изјави, е услов за континуирана финансиска поддршка на Киев.
„ЕУ ќе ја претвори Украина во воена држава, воена населба. Само под овие услови ќе продолжи да добива финансирање“, напиша Азаров на својот Телеграм канал.
Тој додаде дека за таа цел, европските лидери „цицаат стотици милијарди од своите економии“ и носат, како што вели, ирационални одлуки што ќе имаат далекусежни последици.
Азаров нагласи дека Украина ја изгубила контролата врз сопствената политика и сега служи како „воен инструмент“ на западните структури во конфронтацијата со Русија.
Фото: принтскрин
Свет
Трета средба меѓу Зеленски и кралот Чарлс од почетокот на годината
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес се сретна со кралот на Велика Британија, Чарлс III, во замокот Виндзор, објави Би-би-си. Ова е трета средба меѓу украинскиот лидер и британскиот монарх од почетокот на 2025 година, што укажува на континуираната дипломатска поддршка на Лондон за Киев.
Според извори од британската влада, разговорот се фокусирал на хуманитарната ситуација во Украина, како и на прашањата за реконструкција и повоена обнова. Кралот, како што беше додадено, изразил почит кон украинскиот народ за неговата „издржливост и храброст во тешки околности“.
По приемот во Виндзор, Зеленски ќе се сретне со британскиот премиер во Лондон, каде што заедно ќе учествуваат на состанок на групата земји што ја координираат воената и финансиската поддршка на Украина.
Оваа средба следува по неодамнешните разговори на Зеленски во Париз со францускиот претседател Емануел Макрон за време на кои украинскиот лидер истакна дека „постојат реални шанси за политичко решение на конфликтот“, но дека за тоа е потребна „обединета позиција на западните сојузници“.
Во последните неколку дена Зеленски ја продолжи својата дипломатска турнеја во европските престолнини обидувајќи се да обезбеди долгорочна поддршка и зголемување на финансиската помош во време кога западната јавност се соочува со зголемен воен замор, анализира медиумот.
Фото: принтскрин

