Македонија
Средба Тренчевска – Сандри: Соработката со УНХЦР продолжува
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска оствари средба со претставничката на УНХЦР, Моника Сандри, на која што стана збор за имплементацијата на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, преку кој лицата без лични документи можат да се стекнат со одредени права од социјална и здравствена заштита, образование и вработување со задолжително социјално осигурување.
Законот им овозможува на оваа категорија лица да бидат евидентирани во посебна матична книги на родените и да добијат посебна идентификациона исправа којашто треба да им овозможува пристап до горенаведените права. Меѓутоа, иако овој Закон беше донесен, неговото имплементација не е завршена, поради непрепознавањето на привремениот регистерски број на овие лица, во системите на институциите од каде лицата треба да ги користат правата, односно Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија кои имаат интегриран систем на електронски податоци.
Министерката Тренчевска информираше дека Министерството за труд и социјална политика во соработка со Управата за водење на матични книги, Министерството за внатрешни работи и Здружението на млади правници подготвува нов Закон за лица неевидентирани во матична книга на родени со измена на одредени членови од претходниот закон за да се овозможи на лицата регистрирани во посебниот регистар до крајот на 2023 година да им се трансферира нивниот статус од привремениот регистар во редовната матична книга на родени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски се сретна со еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево, во рамки на работната посета во Брисел, оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
„На средбата беше потврдена силната посветеност на државата на евроинтегративниот пат, континуитетот во реформските процеси, како и носењето на законите што се составен дел од овој процес. Разговорот беше насочен и кон заедничките безбедносни предизвици и продлабочувањето на соработката во областа на безбедноста и одбраната“, соопшти МНР за средбата.
Еврокомесарката Кос ја изразила поддршката за европскиот пат на Република Северна Македонија и го поздравила континуитетот во реформите и фокусот на Владата по локалните избори.
Македонија
(Видео) Мечка со две младенчиња прошета пред планинари на Шара, во следните 2 години ќе учат од мајката како да преживуваат
Националниот парк „Шар Планина“ објави снимка направена од планинари, кои на високите планински пасишта наидоа на кафеава мечка со две мечиња родени на почетокот на 2025 година. Сцената, иако кратка, открива многу за однесувањето на овој строго заштитен вид.
Во видеото малечките љубопитно ја набљудуваат околината, но веднаш се оддалечуваат – типично однесување за мечките, кои природно ги избегнуваат луѓето. Од Националниот парк објаснуваат дека младенчињата во следните две години ќе учат од својата мајка како да преживуваат и да се приспособуваат во дивината.
Зошто мечките се појавуваат почесто оваа година?
Од паркот велат дека жителите на шарпланинските села имале повеќе средби со мечки од вообичаено. Причината, според нив, најверојатно е лесно достапната храна околу дивите депонии и вознемирувањето од моторни возила во внатрешноста на планината. Мечките не „спијат зимски сон“ целосно – туку паѓаат во длабок мир од кој можат да се разбудат и да го напуштат леглото доколку се вознемират или ако времето е невообичаено топло.
Како да избегнете средба?
Зборувајте погласно, пејте или правете шум при движење. Избегнувајте густи грмушки. Не оставајте храна или отпад зад себе.
Селфи со мечка? Не се обидувајте да фотографирате мечка. Привлекувањето мечка е опасно и има контраефект!
Што да направите ако видите мечка?
Застанете мирно. Со смирен, гласен говор направете да ве забележи. Не трчајте! Трчањето може да предизвика реакции на потера. Полека движете се настрана, без нагли движења. Обидете се да изгледате поголеми: исправете се, кренете ги рацете. Разговарајте смирено за мечката да препознае дека сте човек. Ако имате спреј за мечки, користете го само ако мечката се приближува премногу. А ако видите младенче? Секогаш има мајка во близина — повлечете се полека и смирено. Ако мечката се подигне? Тоа не е напад! Само се обидува да добие подобар поглед или мирис.
Што ако дојде до напад?
Легнете на земја, со рацете зад вратот. Престанете да се движите и симулирајте неподвижност. Почекајте мечката да се оддалечи.
Опрема за поголема безбедност: Спреј за мечки – ефикасен на далечина до околу 8 метри. Ѕвонче за мечки – дава рано предупредување и ја спречува блиска средба.
Кафеавата мечка е вреден, редок и строго заштитен вид на Шар Планина. Да ја почитуваме, да и оставиме простор и да придонесеме сите за безбедноста и на природата и на луѓето. Шар Планина е дом – да ја чуваме заедно, порачаа од Националниот парк.
Македонија
Собраниска делегација на студиска посета во Бундестагот
Делегација на Собранието и претставници на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, присуствува на дводневна студиска посета во Бундестагот во Берлин, Германија.
Во состав на делегација се претставници на собраниска служба предводени од генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар Бобан Стојаноски.
Предмет на студиската посета се институциите кои се дел од надзорот над безбедносно-разузнавачкиот сектор во Германија.
Делегацијата имаше можност да слушне како функционира парламентарниот надзор во Германија, земја која обезбедува посебно релевантни примери, со оглед на нивната воспоставена и повеќеслојна рамка за надзор на разузнавањето, вклучувајќи ги парламентарните механизми и механизмите за заштита на податоците.
Во текот на посетата беа остварени работни средби со претставници од надзорните тела на кои беа споделени најдобрите искуства и практики од германските колеги.
Работната посета има за цел да го поддржи професионалниот развој на Службата на Собранието, преку компаративни сознанија и конкретни алатки за зајакнување на надзорот на разузнавачките служби во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.

