Македонија
Османи – Ауреску: ЕУ-членството е најдобра гаранција за растечките закани

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари телефонски разговор со својот хомолог од Романија, министерот за надворешни работи, Богдан Ауреску.
Во фокусот на разговорот беа билатералните односи и соработка меѓу двете држави, пристапниот процес за членство на Северна Македонија во ЕУ и романската поддршка во тој контекст.
„Романија во континуитет дава цврста поддршка на заокружувањето на европската агенда на Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан, како едно од клучните приоритети на својата надворешна политика“, изјави Османи за време на разговорот истакнувајќи ја важноста на што побрзо завршување на тој процес како најдобра гаранција за растечките закани по европскиот континент.
Беше нагласено дека руската агресија длабоко ги променила геополитичките околности, а со тоа и потребата од суштинска координација во рамките на регионалните и меѓународните механизми на соработка.
Соговорниците разменија мислења за тековните активности и приоритетите на Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ, САД – Јадранската повелба, како и претстојното претседавање со процесот за соработка во Југоисточна Европа, кое почнува во јули, и каде што членува и Романија.
Министрите разговараа и за начините како да се унапреди економската соработка, која заостанува во однос на многу добрите политички односи. Минатата година Романија била 13-ти најголем трговски партнер на Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци

Од 19:45 часот на магистралниот пат Маврово – Дебар воведена е забрана за тешки товарни возила поради задржување на снег на коловоз, извести АМСМ.
Од 19.55 часот воведена е забрана за тешки товарни возила и за патниот правец Гостивар – Стража, додаваат од АМСМ.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје

Од утре петок до сабота, во официјална посета на Р.С.Македонија ќе присуствува претседателот на Владата на Република Србија, Ѓуро Мацут.
Од тие причини Едницата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на подрачјето на град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Судијата за врски на Франција за балканскиот регион во посета на Јавното обвинителство

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на средба за претставување на новоназначениот судија за врски на Република Франција за регионот Сирил Лакомб.
Тој е еден од вкупно 20 судии за врски на Франција во светот, а од државниот обвинител Коцевски се информираше директно за состојбите во обвинителството. Притоа, судијата за врски Лакомб понуди поддршка со оперативна и техничка помош, но и експертиза преку француските правосудни органи.
Бидејќи и самиот бил јавен обвинител и лице за врски на Република Франција со Европравда, Лакомб се интересираше и за постапката за делегирање на обвинителот за врски на Република Северна Македонија во оваа меѓународна институција.
Јавниот обвинител Коцевски, од своја страна, изрази благодарност за континуираната француска поддршка за работата на Јавното обвинителство.