Македонија
СДСМ со нова дигитална алатка за перформансот и достапноста на градоначалниците
СДСМ продолжува со унапредување на дигитализацијата и спроведување нови иновативни алатки во своето работење.
Денеска, заедно со тим од Меѓународниот републикански институт (ИРИ) беше воведена нова дигитална алатка за перформансот и транспарентноста на градоначалниците, која ќе има цел да ја унапреди работата на градоначалниците од редовите на СДСМ, кои ќе обезбедат повеќе и подобри услуги за граѓаните.
Потпретседателот на СДСМ и директор на партискиот Центар за истражување и анализи, Стефан Богоев, порача дека оваа алатка ќе овозможи не само да се следи степенот на реализација на програмите на градоначалниците од СДСМ туку ќе ја следи нивната респонзивност, достапноста до јавноста и граѓаните.
„Оваа алатка има цел да ги мотивира градоначалниците да работат повеќе и поефикасно, а тоа значи и подобри проекти и подобри и понавремени услуги за граѓаните“, истакна Богоев.
На работилницата спроведена од тимот на ИРИ присуствуваа членови на Центарот за истражување и анализи на СДСМ, како и одговорните лица од општините предводени од СДСМ.
СДСМ во соработка со граѓанскиот сектор продолжува со воведување и реализација на нови алатки и инструменти, кои ќе придонесат за зголемување на ефикасноста и унапредување на отчетноста и транспарентноста на сите нивоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стоилковиќ – Вучевиќ: испратени пораки за продлабочување на соработката меѓу двете земји и положбата на српскиот народ во земјата, како и на македонскиот народ во Република Србија
Во рамки на денешната официјална посета на земјава делегацијата предводена од премиерот на Република Србија Милош Вучевиќ, а во присуство на заменик-претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, оствари средба со дијапората во Амбасадата на Република Србија во РС Македонија.
На средбата уште еднаш беа испратени пораки за продлабочување на соработката меѓу двете земји и положбата на српскиот народ во земјава, како и на македонскиот народ во Република Србија.
„Чест ми е што можам да ве поздравам, инсистирав на оваа средба затоа што ова, но и фактот дека имаме Србин во Владата на РС Македонија за нас не е само прашање на симболика, туку суштинско. Добивме уверување дека Коридор 10 е определба на оваа Влада, а зборувавме и за максимално поедноставување на процедурите на границите. Што се однесува до нас, ние сме максимално подготвени да го направиме ова. Многу е важно и Македонија да биде дел од „Експо“ и мило ми е што токму заменик-претседателот и министер Стоилковиќ ќе го води тој проект“, истакна на средбата српскиот премиер Вучевиќ и упати апел до српската заедница во земјава во сите различности кои, како што рече, ги имаaт двата народа, да го зачуваат националниот идентитет.
„Истото сакам да им го порачам и на Македонците кои живеат во Србија“, рече премиерот Вучевиќ.
„Денешната посета на премиерот Вучевиќ е круна на неодамнешната подготовителна посета на Белград и сето она што го сработевме во претходниот период“, порача заменик-претседателот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.
Претходно во текот на денот потпретседателот и министер Столковиќ го пречека премиерот Вучевиќ на Меѓународниот аеродром Скопје.
Македонија
Филипче: Мицкоски има обврска пред граѓаните и пратениците да го каже планот за евроинтеграцијата на Македонија
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска во изјава за медиумите повторно апелираше до премиерот Мицкоски и Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ на собраниска седница пред пратениците и граѓаните да го кажат планот за европската интеграција на Македонија. Процесот на евроинтеграции на државата е блокиран од страна на Владата, смета Филипче затоа се должни пред граѓаните да го кажат планот со кој би ги подобриле позициите во преговарачкиот процес како што ветуваа во изборниот период.
„Тие кажуваа дека имаат некаков план, некаква поддршка од некои земји, за тоа дека ќе ги подобрат нашите услови во процесот на преговори меѓутоа ние досега од тоа не видовме ништо.
Ниту видовме некој обид да се подобри нашата преговарачка позиција, ниту имаме временска рамка кога тоа ќе се случи и затоа е неопходно што побрзо да се случи таа собраниска седница за да владата и премиерот го кажат планот за нашиот евро интегративен процес“ изјави Филипче.
Тој е дециден дека СДСМ ќе даде поддршка на секоја владина стратегија која е значи подобар живот за граѓаните, но нема да прифатат „митингашки пароли“ и празни ветувања.
„Нас не ни требаат ниту флоскули, не ни требаат ниту митигашки пароли, ни треба конкретен план во Собранието Премиерот и ВМРО-ДПМНЕ дојдоа на власт со огромни ветувања дека ќе ја подобрат нашата позиција во тој преговарачки процес, дека ќе обезбедат подобри услови. Имајќи предвид дека тоа не се случува а тие го блокираа европскиот интегративен процес а тоа не го кажаа за време на кампањата. Доколку тоа не се случи, ќе стане очигледно дека станува збор за една голема лага.
Во таа смисла ние ќе чекаме да видиме како ќе се одвива тој процес, ќе ја поддржиме секоја стратегија на Владата која што ќе ни обезбеди подобри услови во процесот на преговори. Но нема да служиме за алиби ниту ќе гледаме како тие ја манипулираат и ја лажат јавноста и граѓаните“, рече Филпче.
Македонија
Мисајловски – Рокас: со поддршката од ЕУ се зајакнуваат и капацитетите на државата и нашиот придонес кон глобалниот мир и безбедност
Денеска во Министерството за одбрана, министерот Владо Мисајловски оствари средба со новиот евроамбасадор Михалис Рокас.
Мисајловски и евроамбасадорот Рокас разговараа за интензивирање на соработката со Европската унија во безбедносната и одбранбена политика на ЕУ, како членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ.
Мисајловски му посака успешна дипломатска мисија и упати благодарност до Европската Унија за последниот пакет на помош од 13 милиони евра, кој што ќе се финансира во рамките на Европскиот мировен фонд, а ќе придонесе за зајакнување на способностите и капацитетите на Армијата.
Во однос на нашето учество во мисиите и операциите на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата и во борбените групи на Унијата, министерот потенцира дека со поддршката од ЕУ се зајакнуваат и капацитетите на државата и нашиот придонес кон глобалниот мир и безбедност.