Свет
Зошто првите 72 часа се клучни за спасување по земјотрес
Времето истекува за спас на преживеаните кои се затрупани во урнатините од земјотресите во Турција и Сирија, бидејќи потрагата се приближува до клучните 72 часа, пишува АФП.
Повеќе од 90 отсто од преживеаните од земјотресот успеваат да се спасат во првите три дена, изјави Илан Келман, професор по катастрофи во Лондон.
Но, тој број може значително да варира во зависност од временските услови, последователните потреси и брзината со која спасувачките тимови и опремата пристигнуваат на местото на нeсреќата – фактори кои моментално ги попречуваат напорите во Турција и Сирија.
Повеќе од 11.200 луѓе загинаа, а илјадници се повредени по земјотресот што во понеделникот ги погоди југоисточна Турција и соседна Сирија.
Со оглед на тоа што 72 часа истекуваат рано наутро во четвртокот, Келман објасни зошто оваа временска рамка е толку важна.

Повреди, температура, вода
„Генерално, земјотресите не убиваат луѓе, колапсот на инфраструктурата убива луѓе“, рече Келман, кој објави истражување за напорите за спасување од земјотрес.
Најважниот фактор е давање медицинска помош на луѓето затрупани под срушените згради, рече тој.
Временските услови се исто така клучен фактор и се целосно против нас во случајот со Турција и Сирија, рече Келман.
Ниските температури, дожд и снег се забележани во регионите погодени од земјотресот.
„Тоа значи, за жал, дека хипотермијата е можна, а луѓето веројатно умираат поради временските услови“, рече Келман.
На оние кои ќе успеат да го преживеат студот и повредите им се потребни храна и вода.
Без вода, многу луѓе „ќе почнат да умираат по три, четири, пет дена“, рече Келман.
Афтершоковите во деновите по земјотресот може дополнително да уриваат згради, што претставува „голем и застрашувачки ризик“ и за преживеаните и за оние кои се обидуваат да ги спасат, додаде тој.
Регионот беше погоден од десетици последователни потреси, вклучувајќи го и оној од понеделникот со јачина од 7,5 степени.

Помош на лице место
Келман рече дека обично „огромното мнозинство од преживеаните се спасуваат во рок од 24 часа од локални тимови, често користејќи само раце или лопата“.
Десетици земји ветија дека ќе испратат тимови за пребарување и спасување и помош во Турција и Сирија.
Но, земјотресот се случи во „оддалечена област, во зона на конфликт, во која е многу тешко да се влезе“, рече Келман.
Обично се потребни најмалку 24 часа за да пристигнат, да се постават и да започнат со работа меѓународните спасувачки тимови.
„Во тој момент, голем број луѓе кои можеа да преживеат веќе умреа“, рече Келман.
За областите погодени од конфликт во близина на сириската граница, пристапот е уште потежок.
„Колку што видов, спасувачките тимови не стигнаа целосно до многу области во главните конфликтни зони или многу привремени населби за раселените луѓе“, рече Келман.

Како да најдете преживеани?
Откако ќе се појават на местото на настанот, постојат неколку начини на кои спасувачките тимови можат да најдат преживеани, вклучително и кучиња трагачи.
Познат тим на кучиња спасувачи од Мексико е на пат за Турција, истакна Келман.
Роботите и беспилотните летала се’ повеќе се користат и за влез во тесни простори кои се премногу опасни за луѓето.
Кога ќе се најдат преживеани, спасувачите мора да одлучат како да ги извлечат.
Подигнувањето на плочите на срушените згради може да бара огромна опрема како што се кранови.
Или понекогаш е неопходно да се ампутира екстремитет „што е смачкан под столб или парче ѕид“, рече Келман.

Многу пред клучните 72 часа
Келман нагласи дека „на крајот, успешната спасувачка операција започнува неколку децении пред земјотресот, со цел да спречи колапс на инфраструктурата“.
За време на меѓународна спасувачка операција, како онаа во Турција и Сирија, еден спасен живот чини во просек по еден милион долари, рече тој.
„Да ги видиме истите инвестиции во превенција од катастрофи што ги гледаме во одговорот при катастрофи, немаше да бидеме во оваа ситуација“, заклучува тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

