Македонија
Левицата: Негрижата на Владата носи човечки жртви – се гледаме во 14 часот пред Влада!
„Сведоци сме на долгогодишната негрижа од страна на Министерството за здравство, кое со децении го деградира здравјето на нашите граѓани. Дисфункционални клиники, дефицит на лекарства, терапии и лекарски кадар, а секојдневно сведочиме и на лекарски грешки, мито и корупција во здравствениот систем, се лекуваме со донации од граѓани додека деструктивната Влада на СДС, ДУИ и нивните послушници профитираат со енормни финансиски криминални добивки“, соопштуваат од Левицата.
Од партијата велат „најранливите здравствени категории пациенти се оставени на работ меѓу животот и смртта, а нашиот сограѓанин Благојче ја изгуби битката со цистичната фиброза, кој десет години молеше за здравствена поддршка, што претседателот Пендаровски и му ја вети, но, за жал, тоа беше само еден ПР за собирање политички поени“.
„Недозволиво е во услови на достапен лек пациенти да бидат жртва на немање политичка волја од власта да го зголемат буџетот – а одбива да ги даночи милионските профити на банките и троши буџетски средства за сопствени луксузирања! Претходно, Левицата реагира до надлежните ресори сè со цел да се одвојат финансиски средства за болните од цистична фиброза, меѓутоа Владата и неспособниот министер Сали останаа и глуви и неми на тие реакции, што, за жал, заврши трагично за младиот Благојче. Левицата го поддржува денешниот протест закажан од 14 часот и повикува на масовност пред Владата, со цел да се спасат нови трагични случаи во иднина“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.

