Економија
Бектеши: Очекуваме намалување на цената на струјата од јули

Во согласност со домашните капацитети за производство на електрична енергија и анализите од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не очекуваме да има зголемување на цената на електричната енергија од 1 јули годинава, рече министерот за економија, Крешник Бектеши, на денешниот брифинг со новинарите заедно со директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
„Ние сме во координација и со Регулаторната комисија за енергетика, која е надлежна за цените на електричната енергија. Веќе се прават одредени анализи и се анализираат до детали одредени опции и со факултетите и со експерти за да се менува начинот на утврдување на цената на електрична енергија. Во согласност со капацитетите што ќе ги имаме во мај и јуни и јас сум убеден дека сите одлуки ќе бидат донесени во насоки да се зачува животниот стандард на граѓаните и да се поддржат малите и средните компании. Од 1 јули не очекуваме да има зголемување на цената на струја. Очекуваме да има дополнително намалување, како што направивме од 1 јануари во согласност со производството на ЕСМ, како и движењето на цените на берзите“, објасни министерот Бектеши.
Во однос на компаниите од прехранбениот сектор, кои добија повластена цена на електричната енергија и кои не ги намалиле цените во согласност со договореното со Владата, како што рече министерот, се прават анализи и доколку се утврди дека нема ефект, можно е да се соочат со губење на оваа поволност.
„Тоа ќе се знае на крајот на месецот во согласност со податоците од Државниот пазарен инспекторат. Оние што ги намалиле цените ќе продолжат да ја користат таа поволност. На дневна база разговараме со стопанските коморите и со одредени сектори од индустријата, особено производителите на домашни прехранбени производи. Во случај ако нема дополнително намалување, ќе се доведеме во ситуација тоа да се укине како поддршка од страна на Владата затоа што целта на поддршката што ја даде Владата на барање на стопанските комори беше да се влијае во делот на намалувањето на цените на основните прехранбени производи. Ако не се намалат на процентот што е договорен помеѓу компаниите и Владата и во согласност со очекувањата на потрошувачите, подобро тие средства да им ги дадеме на граѓаните преку разни мерки“, рече министерот Бектеши.
Министерот потенцира дека би требало до крајот на месецот да имаме конечен извештај од Државниот пазарен инспекторат и во согласност со тоа да се донесат одредени одлуки.
„Во согласност со прогласената кризна состојба одлуките може да бидат и селективни, па за компаниите што не ги намалиле цените да не важи оваа мерка, а за оние што ги намалиле и навистина се потрудиле да направат максимум да излезат во пресрет на потрошувачите – да продолжи“, појасни Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.