Македонија
Демократскиот сојуз до премиерот ги достави своите ставови за реконструкцијата на Владата
Демократскиот сојуз денеска до претседателот на Владата ги достави своите ставови во врска со најавената реконструкција на Владата.
Интегрално го пренесуваме дописот од ДС до премиерот Ковачевски:
„Во тек се активности за реконструкција на Владата на Република Македонија, при што во Владата се вклучува Алијанса за Албанците.
Освен персоналниот состав на Владата, за Демократскиот сојуз и пошироко за јавноста се клучни програмските определби, поради што бараме со програмските барања на АА да се информираат партиите и јавноста.
Инаку, не сме подготвени да поддржиме нов партнер во Владата доколку се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија, делејќи ги граѓаните по етничка основа околу најавените уставни промени.
ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ ги афирмира приоритетите за кои и досега имаше усогласени ставови со СДСМ, но за нивната реализација досега ништо не е направено:
1. Донесување на Измени и дополнување на Изборниот законик, со кои Македонија ќе биде една изборна единица. Предлог-законот е разгледан и поддржан од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, кaкo и од Законодавно – правната комисија. Законот е ставен на дневен ред, но претседателот на Собранието го блокира и не ја закажува седницата за да започне расправа по истиот.
2. Започнување на робусна и неселективна борба против тешките облици на криминал преку целосна департизација на институциите надлежни за откривање и сузбивање ка криминалот, како и донесување на Закон за Агенција за борба против тешки облици на организиран криминал и висока корупција. Ангажирање на најстручните кадри од постојните институции и алокација на средства од истите во Агенцијата.
3. Реформи на судскиот систем преку измени на Уставот со кои ќе се укине Уставниот амандман со кој се амнестирааат судиите од кривична одговорност за донесена одлука, укинување на трајниот мандат на судиите, ревизија на работата на сите судии и утврдување на имотната состојба.
Донесување на Закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, со кој ќе се преиспитат монтираните судско-полициски случаи, преку обезбедување услови за фер судење и можност да се користат и нови докази.
4. Транспарентност на СКРИНИНГ ПРОЦЕСОТ, вклучување на сите креативни и стручни кадри, континуирано информирање на Парламентот, а преку него и на опозицијата, за да се обезбеди и поголемо единство, поддршка и континуитет.
5. Формирање на ФОНД ЗА МЛАДИТЕ, 2% од Буџетот на РСМ за започнување на самостоен бизнис. Создавање на законски предуслови за секој студент по дипломирањето да може година дена да работи во јавниот или во приватниот сектор, со плата во висина од просечната плата, обезбедена од Буџетот на РМ. На овој начин поголем број од младите ќе останат да работат и да создаваат во Македонија.
6. При формирањето (избор или реконструкција) на Владата и покрај тоа што се работи за политичка Влада, да се води сметка за компетентноста на кандидатите, за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, како и за имплементацијата на правилото на Бадентер и Балансерот при вработување. На правична застапеност на сите етнички заедници во изминатите 20 години инсистираше ДУИ, но со најавите за новиот состав на Владата нема гаранции дека тоа ќе се почитува.
7. За да се спречат партиските влијанија при вработување, да се предвиди казна затвор од 3 години, доколку се злоупотребува позицијата за влијание при вработување“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

