Македонија
Каевски до Николовски: Правите циркузи и одолговлекувате

Пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски, смета дека сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се пријавиле за дискусија на седницата за разрешување на министерот Беким Сали од Алтернатива, а со цел, да го одолговлекува процесот. Каевски реплицирајќи му на Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, му посочи дека завршуваат лагите дека ќе има предвремени избори.
„Нервозни сте. И тоа од две причини. Тоа што оваа седница ја размислувате на друг начин, дека ќе ги искористите вашите лаги дека ќе има ново парламентарно мнозинство.. Втората причина е бидејќи знаете дека на вашите лаги и манипулации им доаѓа крајот. Тие лаги ги кажувате за вашето членство и симпатизери. Ако си верувавте на своите лаги, ќе поднесовте точка за доверба на Влада, но не го направивте тоа“, кажа Каевски.
Тој додаде дека во Собранието се прават циркузи.
„Вие се одлучивте овде да се јавите сите за збор, се со цел да одолговлекувате што повеќе и вашата лага да трае подолго. Колку повеќе вакви циркузи правите, толку повеќе ќе расте владиното парламентарно мнозинство, само продолжете така“, посочи Каевски.
На ова врати Николовски кој посочи: „Ако се ова е така како што рековте, да свикаме седница за распуштање на Собранието, да изгласаме, за 100 дена да одиме на предвремени избори и да ја видиме довербата на граѓаните и спрема нас и спрема вас“, кажа Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.
Македонија
(Видео) Василевски: Нула нови градинки за 4 години во Аеродром, околу 700 деца чекаат за запишување секоја година

Изминаа речиси 4 години откако ВМРО-ДПМНЕ ја освои локалната власт. И По 4 години, ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром не изгради ниту една од ветените 4 нови градинки, рече денеска на прес-конференција Бојан Василевски, ОО СДСМ Аеродром.
„Овиe градинки беа првиот од 7-те топ приоритети на Муцунски и Митески во програмата со кои ја освоија довербата на нашите сограѓани од Аеродром. Митески и Муцунски ветија целосно нови градинки во Острово, Мичурин, Лисиче и Долно Лисиче, но еве, четири години подоцна, ниту една од овие ветени градинки до денес не е ни започната со градба“, вели Василевски.
Според него, околу 700 дечиња годишно се на листа за чекање за упис во градинка, заради недостатокот на места во градинките во Аеродром.
„ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром покажа целосна незаинтересираност за решавање на овој проблем. Единствениот објект на градинка кој се гради во моментов во Стар Аеродром е со 70.000.000 денари, средства обезбедени од Владата на СДСМ во 2024 година. Само за споредба, кога со Општина Аеродром управуваше СДСМ се изградија 2 нови градинки со вкупен капацитет од 400 деца. Целосно нов објект Црвенкапа во Стар Аеродром со капацитет од 200 деца и целосно нов објект Буба Мара во Ново Лисиче со капацитет од исто така 200 деца“, кажа Василевски.
Македонија
ДУИ: Албанците се недоволно застапени во неколку клучни институции

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост во врска со најновите извештаи за недоволната застапеност на Албанците на одлучувачки позиции во државните институции на Република Северна Македонија, велат од ДУИ.
„Според анализа објавена во неколку медиуми, Албанците се недоволно застапени во неколку клучни институции, вклучително и Претседателството, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за спорт, Народната банка, МЕПСО и Агенцијата за администрација.
Овој диспропорционален однос е особено загрижувачки по укинувањето на механизмот „Балансер“ од страна на Уставниот суд на 9 октомври 2024 година, кој претходно обезбедуваше правична застапеност на заедниците во државната администрација. По оваа одлука, отсуството на ново законско решение доведе до исклучување на Албанците од клучните одлучувачки позиции.
ДУИ потенцира дека правичната и соодветна застапеност на сите заедници претставува темелен столб на Охридскиот договор и предуслов за еднакво и демократско општество. Апелираме до надлежните институции итно да преземат мерки за надминување на оваа нееднаквост и да обезбедат правична застапеност на Албанците на сите нивоа во јавната администрација.
ДУИ останува посветена на унапредувањето на еднаквоста, правичната застапеност и целосната интеграција на Албанците во институционалниот живот на државата“, пишува во соопштението на ДУИ.