Македонија
(Видео) Митева: Ниска доверба во институциите, речиси 70 отсто од испитаниците не ѝ веруваат на оваа Влада
„Ниската доверба во институциите е аларм за власта. Поразителни бројки, најниска доверба досега покажува последното истражување на јавното мислење во анкетата на ‘Евротинк’. Граѓаните покажале дека најмалку веруваат во судството и во институциите што се на првата линија за справување со корупцијата и криминалот. Во Обвинителството само 7 %, а во судството 6 %. И ваквите бројки не се само перцепција, зад овие резултати се кријат конкретни индикатори и состојби за кои директно е виновна власта на СДС и ДУИ“, рече денеска на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа потсети на „скандалозниот избор за првиот човек на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, предлагање политички кадри за членови на Уставниот суд, именување несоодветни кадри и партиски членови за претседатели на Судскиот совет, изјави за постоење политички притисоци врз членови на Судскиот совет, безброј нерешени судски случаи, уште илјада други конструирани и политички мотивирани процеси и најстрашно – криминал и корупција во првите редови на оние што треба да обезбедат владеење на правото“.
„Ова се конкретни примери, кои се резултат на политичките интереси на власта комплетно да ги партизира судството и Обвинителството. На прашањето ‘Што мислите, како институциите ја водат борбата со корупцијата?’ – 71 % сметаат дека институциите потполно лошо ја водат борбата. Фрапира фактот што испитаниците имаат негативно мислење и за Државната комисија за спречување и борба против корупцијата, каде што 70 % велат дека воопшто немаат доверба во оваа институција. Со само 1 % пониска недоверба од ДКСК е Владата, со 69 % од испитаниците, кои велат дека воопшто не ѝ веруваат на оваа Влада“, рече Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (локално над 25 l/m2) и со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност од денеска до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на денешниот ден и во четврток (над 25 l/m2 за 24 часа). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.
Македонија
Муцунски во Белград: Регионалното поврзување е клучно за забрзување на европската интеграција
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вечерва во Белград учествуваше на работна средба со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Фокусот на разговорите беше ставен на проширувањето на Европската унија, актуелните геополитички околности и предизвиците што произлегуваат од нив, како и на регионалната безбедност и неопходноста од засилено регионално поврзување и соработка.
Министрите уште еднаш ја потврдија важноста на ЦЕИ како стабилна платформа за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, унапредување на партнерствата и ефективно справување со регионалните предизвици.
Во своето обраќање министерот Муцунски ја нагласи улогата на регионалното поврзување и регионалните иницијативи како клучни алатки за забрзување на европската интеграција – најзначајниот процес за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој ја потврди целосната посветеност на Република Северна Македонија на европскиот пат, нагласувајќи дека тоа е геостратешка неопходност за стабилен, сигурен и просперитетен регион.

