Македонија
„Вака веќе не може“, новинарите им возвратија на политичарите
ЗНМ и ССНМ денеска излегоа на протестен марш преку кој го изразија своето незадоволство од нападите врз новинарите и снимателите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите, снимателите и медиумските работници, лошата социо-економска состојба.
Пред да почне маршот пред присутните се обрати претдседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски. Тој во името на новинарите упати порака до политичаите дека „вака веќе не може”.
„Законите важни за медиумите не се спроведуваат, јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите. Државниот пиар им ја зема работата на новинарите, на снимателите, на фоторепортерите, Владата создаде најголема редакција. Државните институции и нивите директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате памфлет за објава. Локалните и регионалните медиуми работат на работ на издржување. Безбедноста на новинарите не е на ниво на кое би сакале да биде“, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.
Новинарската професија повеќе никој не ја почитува, нѐ потценуваат и нѐ навредуваат, но ние нема повеќе да молчиме, рече претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
„Не молчевме и кога проникнуваше новинарството, ни кога нѐ тепаа, затвораа, кога ги губевме работните места. Создадовме џин што нема да молчи и нема да ја крие вистината“.
Тој додаде дека условите во кои работат новинарите мора да се подобрат бидејќи има сѐ помалку кадар. Поради ниските плати и лошите услови, новинарите сѐ повеќе го напуштаат новинарството.
Протестниот марш почна во 10.30 часот. Новинарите ќе се движат од Владата на РСМ до Собранието на РСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

