Македонија
На телефонот „Ало, Бушавко“ децата најчесто пријавувале вознемиреност, лутина, врсничко насилство
Mенталното здравје е најзастапениот проблем со кој биле засегнати децата и младите, укажуваат наодите од работата на имот на „Ало, Бушавко“, телефонот за деца и млади, и главните причини за јавувања во текот на минатата година.
Резултатите од истражувањето беа презентирани на прес-конференција од страна на Детската амбасада „Меѓаши“.
Во текот на минатата година биле добиени вкупно 357 повици, а вкупниот број деца и млади што се опфатени со случаите изнесува 450, од кои 139 машки, 134 женски деца, а за 177 деца не е познат полот. Според возрасната група, најмногу од дојавите се однесувале на деца на возраст од 7 до 9 години.
Најголем процент од обраќањата, 35 отсто, се засегнати со проблеми што влијаат врз менталното здравје на децата, а тоа се манифестира преку емоционална вознемиреност поврзана со искуството на лутина или фрустрација.
„Како главен причинител за ваквата психолошка состојба кај децата во дојавите што ги добивме е односот на родителите што произлегува од бракоразводите, но и интерперсоналните односи во образовниот процес (врсник – врсник, наставник – ученик). Во вкупниот број забележани проблеми, категоријата повреди, во која спаѓаат сите видови насилтво, злоупотреба и занемарување, учествува со 25 отсто. Проблемите од категоријата семејни односи учествуваат со 17 проценти во вкупниот број проблеми. Голем број деца, дури 145, се регистрирани во оваа категорија проблеми, а се однесуваат на проблемот со прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа“, истакнаа од Детската амбасада.
До родителите и наставниот кадар како најблиски до децата порачаа – ако ги забележат симптомите на одреден проблем, директно да реагираат, но уште поважно е да превенираат вакви состојби кај децата. Особено препораката е до стручните служби во училиштата, и до основните и до средните, да посветат поголемо внимание на менталното здравје на децата и да понудат повеќе содржини и активности преку кои ќе се обработуваат теми од важност за менталното здравје.
Образовните институции да водат грижа за атмосферата на безбедност и да нудат програми, активности и содржини преку кои ќе се подигнува свеста за штетните последици од насилството и да градат култура на мир и ненасилство.
Целосниот извештај може да го преземете од веб-страницата на Првата детска амбасада „Меѓаши“ на овој линк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
18-годишникот кој усмрти жена во Капиштец избега од државата, МВР распиша потерница
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по 18-годишникот кој прегази жена во Скопје и избега од местото на настанот. Според најновите информации, тој избегал и од државата.
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Саитов Саит (18) од Скопје од татко Берти и мајка Ганимете од Скопје. Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Според истрагата, на 9 јануари, Саитов со „фолксваген пасат“ се движел по улицата „Народен фронт“ без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска. По несреќата, тој избегал.
фото/МВР
Македонија
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се враќа правдата во државата
Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати денес на 80-та седница во Собранието на која се расправаше и Предлог на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, при што истакна дека измените се однесуваат на суштинското прашање, а тоа е да ја вратат правдата и функционалноста на системот преку појасни одредби. Според неа, без функционален и праведен систем не може да постои ниту стабилна држава, ниту сигурност за граѓаните.
,,Нашите граѓани ќе ја гледаат сигурноста кога ќе биде сигурен правниот систем во државата“, рече Ѓорѓиева.
Таа се осврна на членот 353 од предлог законот, со кој како што посочи, се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
,,Се враќа суштината на злоупотреба на службена положба, пречекорување на овластувањата или неизвршување на службена положба. Со овој закон се распушта претходниот закон во 2023 година кој беше донесен од СДС и ДУИ, каде што беше разводенет, односно каде што казните беа намалени, дејствијата беа потешко докажливи, а роковите за застареност беа скратени“, истакна Ѓорѓиева.
Според неа, законот не е наосочен против оние кои работат чесно, туку против корупцијата и злоупотребата на службената положба.
,,Држава без кривичен закон е како држава без рбтет. А држава без рбет секој може да ја скрши. Почитувани граѓани, овој закон е порака до секој што мисли дека државата е приватен бизнис, овој закон е порака дека времето на неказнивост завршува и да, можеби на некому тоа не му одговора, но на народот тоа му одговара, и тоа го бара од нас“, вели Ѓорѓиева.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.

