Македонија
Петкоска: Од дигитализација добивме само дојави за бомби и хакирани системи, Владата на СДС и ДУИ е неспособна
Министерот Алити, кој денес е тема за разрешување бидејќи стана жртва на пазарот, изјавува дека еден од клучните проблеми е и ќе продолжи да биде олеснувањето на услугите за граѓаните од страна на државните институции преку електронски пат. И како што ги олесна услугите, преку ноќ за 300 проценти се зголемија цените на катастарските услуги. Хакнат бил системот, ама дигиталните услуги биле лицето на модерната Влада, а од личните услуги можеле да изградат доверба кај граѓаните. Колку е модерна Владата и колкава е довербата кај граѓаните, ќе ви кажат денес докторите, една огромна нула, вели пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска, на денешната собраниска седница.
Петкоска посочи дека од изјавите дека дигитализацијата е на висока агенда на Владата, единствено граѓаните добиле дојави за бомби и хакирани системи.
На 15 септември настапува Грковска, дигитализацијата е високо на агендата на Владата. До толку сме дигитализирани и ИТ-напреднати што секој ден имаме најави за бомби и хакирани системи. Пет дена по изјавата дека дигитализацијата е високо на владината агенда, Министерството за земјоделство една недела останува без електронски систем, а хакерите бараат пари за да го деблокираат. Доаѓа 21 септември, веб-страница на МОН е недостапна затоа што е хакирана, вели таа.
Колапс во „Пошта“, одете си, не знам кога да дојдете по пратката, системот е нападнат. Матичните лекари не може да препишат лек затоа што ФЗО го променил системот, па така хронично болните не може да добијат терапија на рецепт затоа што кога матичните пополнуваат, им се бара број на лекарски извештај, резултат од болни без терапија, преоптоварени матични лекари и специјалисти, додаде Петкоска.
Петкоска смета дека оваа влада прескапо ги чини граѓаните.
Кои црни реформи, што е асално во оваа држава па за да тече. Хакирани се сите системи, а државата ни е тотално хакирана. Македонските граѓани имаат чувство дека во Македонија не владее правото, туку владеат политичките елити на ДУИ поддржана од СДС, рече таа.
Оваа влада прескапо не чини, зошто желбата да се задржи власта е огромна, дури и по цена да се уништи државата. Ваква влада не може да ги решава проблемите, затоа што таа сама ги создава и затоа што таа самата е проблем, чие единствено решение се избори, заклучи Петкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

