Македонија
МВР: Лажни се дојавите за бомби

Македонското Министерство за внатрешни работи ја извести јавноста дека се направени сите потребни проверки во Градскиот трговски центар, „Ист гејт мол“, хотелот „Мериот“, Музејот на град Скопје, спомен-куќата „Мајка Тереза“, Транспортниот центар, ТЦ „Бисер“ и „Џевахир холдинг“ во врска со денешните пријави по добиените пораки на електронски адреса со закана за поставена експлозивна направа и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Министерството за внатрешни работи продолжува со проверките во другите објекти за кои беше добиена пријава и по завршувањето на проверките соодветно ќе ја информираме јавноста“, се вели во соопштението од МВР.
МВР информира и дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави по добиените пораки на електронски адреси со закана за наводно поставена експлозивна направа во институции, училишта, хотели и згради во Скопје и едно училиште во Прилеп, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки од антитерористички тимови и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.