Македонија
Герасимовски: Интензивно се работи на реконструкција на улицата Ленинова

Градежните зафати на улицата Ленинова течат со интензивна динамика. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, беше на увид при поставувањето на атмосферската канализација, која досега не постоеше.
„Во моментот првпат се поставува атмосферска канализација во должина од 516 метри, која досега улицата Ленинова ја немаше и поради која често имаше поплави. По ова, ќе биде поставена и нова водоводна мрежа во должина од 411 м2. Водиме сметка и за резидентните паркинг-места на станарите, кои ќе бидат со агол од 45 степени за да се ослободат тротоарите, на кои сега има автомобили. Планираме и нова велосипедска патека од едната страна на улицата, нови рабници, осветление, нови канделабри. Каблите што сега се испреплетени во дивите костени ќе бидат спуштени подземно и во договор со ЈП ‘Паркови и зеленило’ крошните на дрвјата ќе бидат искроени со цел да не ја попречуваат светлината од канделабрите и не удираат во фасадите на зградите. Исто така, по насока на претпријатието, старите и исушени дрвја ќе бидат отстранети“, рече Герасимовски.
Инаку, улицата Ленинова е долга 510 м поради што ќе биде поставен нов асфалт од 4.000 м2. Ќе има нови пешачки патеки од 4.100 м2, каде што ќе биде поставена нова урбана опрема од клупи и корпи за отпадоци, паркинзи за велосипеди на обележана вело-патека на ниво на коловоз од едната страна. За побезбеден сообраќај, на две места на коловозот ќе има подигнувања т.н. бариери за намалување на брзината.
Општина Центар на улицата Орце Николов прави уште една модерна сообраќајница, која е и една од главните артерии кон булеварот Метрополит Теодосиј Гологанов. По реконструкцијата, граѓаните ќе добијат значително намалување на сообраќајниот хаос, особено во попладневните часови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собрани повеќе од 2 милиона евра за настраданите од пожарот во Кочани

Црвениот крст денеска соопшти дека на апелот за помош на повредените и за семејствата на настраданите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, а во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 100 беа повредени, се собрани над два милиона евра.
„Во апелот на Црвениот крст на РСМ, заклучно со 17.4.2025 година, собрани се 128.011.651,00 денар за настраданите од пожарот во Кочани“, соопштија од таму.
Денес, Црвенот крст изврши трансфер на средства на 62 семејства на починатите лица. Досега на настраданите семејства вкупно се исплатени 86.100.000 денари.
Црвениот крст заедно со партнерите продолжува со испораката на психосоцијална и друга поддршка на населението.
Македонија
Димитровски: Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски денеска во Софија учествуваше на форумот „ЕУ го среќава Балканот“, во организација на Атлантскиот клуб од Бугарија и АЛДЕ групацијата од Европскиот парламент.
Во дебатата со министри и заменици министри за надворешни работи или за Европа на земјите од Западен Балкан, Романија и Турција, заменик министерот Димитровски истакна дека Македонија е шампион во Европа според заштитата на етничките права и дека уставните измени за внесување на Бугарите во уставот сами за себе не претставуваат проблем.
„Она што предизвикува грижа е целиот пакет со преговарачката рамка вклучително и протоколите. Ако интегрирањето на Македонија во ЕУ зависи од резултатите од работата на заедничката македонско-бугарска Комисија за образовни и историски прашања, тогаш тоа може многу да се оддолжи. Ваквите меѓудржавни историски комисии по Втората светска војна, како помеѓу Германија и Франција или Германија и Полска може да работат повеќе децении додека дадат резултати. Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес“, рече Димитровски.
На форумот свои обраќања имаа и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Македонија
Македонија мора да биде подготвена како Исланд за членство, а ЕУ да биде искрена и брза во поддршката, ѝ порача Кос на Зајкова

„Македонија мора да ја направиме подготвена како Исланд за членство, да бидеме со усогласено законодавство и европски стандарди дома, а Европската Унија да биде искрена, брза и креативна во поддршката на нашиот европски пат, вреднувајќи го напредокот на земјите според исполнетоста на стандардите и вредностите на ЕУ односно согласно Копенхашките критериуми“, беше пораката на претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, на средба со еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, утрово во рамки на Форумот ЕУ-Западен Балкан.
Зајкова и Кос разменија мислења за европската перспектива на Северна Македонија и итноста од забрзување на евроинтегративниот процес. Во разговорот Зајкова истакна дека Македонија не смее да биде изоставена на европскиот пат, кој треба да се темели исклучиво врз основа на критериумите од Копенхаген.
На средбата беше договорена и скорешна официјална посета на Брисел на претседателката на ЛДП, Зајкова, која е воедно и претседателка на либералите од југоисточна Европа – ЛИБСЕН. Во пријателски позитивниот разговор беше постигната заедничка согласност дека кредибилна европска перспектива за Западен Балкан е клучна за стабилност и развој на регионот.
Зајкова уште еднаш се заблагодари на ЕУ за итната реакција по трагедијата во Кочани, посочувајќи ја вклученоста на Македонија во Европскиот систем за справување со кризи како одличен пример дека целосната европска интеграција има огромно значење за секојдневниот живот на македонските граѓани.