Македонија
Тренчевска- Гви Јеоп Сон: Поддршката на ОН агенциите во земјава продолжува и се зајакнува на патот кон ЕУ

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска оствари средба со регионалната директорка на Обединетите Нации за Европа и Централна Азија, Гви Јеоп Сон и постојаната координаторка на ОН во земјава Росана Дуџиак.
На средбата се разговараше за соработката и поддршката на ОН агенциите во нашата држава со осврт на областите кои се под надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
Во оваа прилика, министерката Тренчевска информираше за соработката со УН Вомен на полето на родовата еднаквост и зајакнување на жените.
Министерството го реализира проектот „Унапредување на институционализацијата на родовото одговорно буџетирање (РОБ) преку системска интеграција на родовата перспектива во стратешкото планирање и програмирање на владините институции во Северна Македонија во соработка на УН Вомен.
Проектот го подржува напредокот на земјата во спроведувањето на национални и меѓународни обврски за родова еднаквост и зајакнување на жените во согласност со целите за одржлив развој и процесот на пристапување во ЕУ. Формиран е и Ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање.
Во областа на трудовото право социјалниот дијалог, безбедноста и здравјето при работа, пазарот на труд и вработувањето, беше истакната големата поддршка од Меѓународната организација на трудот (МОТ). Како една од позначајните соработки е последната национална стратегија за вработување 2021-2027 и Акцискиот план 2021-2023, како и експертската поддршка и техничка помош.
Фондот за население на ОН е исто така долгогодишен партнер на министерството. Соработката со оваа агенција има зголемен интезитет, земајќи предвид дека се подготвува стратегијата за демографски политики.
Долгогодишен партнер на Министерството за труд и социјална политика е и УНИЦЕФ, особено во делот на унапредување на згрижувањето на децата . Отворени се два центри за поддршка на згрижувачки семејства и одржани обуки за стручни лица од центрите за социјална работа.
Од одделението за имплементација на Стратегија за Роми се истакнува вклучувањето на УНИЦЕФ во Проектот за вклучување на деца роми во предучилишното образование.
УНХЦР е долги години партнер на министерството односно секторот на социјална заштита и одделението за миграција и интеграција на бегалци и странци, како и во делот на имплементација на Законот за лица неевидентирани во Матичната книга на родени, со теренски активности и правна помош на овие лица пред институциите.
На средбата соговорниците изразија подготвеност и уверување за продлабочување на соработката со ОН агенциите во земјава, која е од големо значење во процесот на скрининг и предпристапни преговори на земјава со Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За време на СДСМ улица во Драчево е преименувана во Азем Морана

Срамно и дрско е СДС да зборува за темелите на македонската државност откако променија знаме, име и Устав на државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„СДС која тоне се подолу во рејтингот меѓу граѓаните, заборава дека име на училиште го дава општинскиот совет, а не Владата. За да ги потсетиме, токму тие во време Зоран Заев како премиер и градоначалник на СДС во Скопје, во Драчево улица е преименувана во Азем Морана, откако претходно се викала Јустинијан Први. СДС говори за македонска државност, а во нивно време се променија и името, и знамето и Уставот на Македонија. Ги распродаваа државните интереси на кој стигнат за ден повеќе власт. Затоа граѓаните не им дадоа доверба и тонат секојдневно се повеќе. Подлоста на СДС оди во невидени размери, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме вчудоневидени на нивното однесување“, пишува во реакцијата.
Македонија
Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи.
На Универзитетската клиника за токсикологија за в.д. директор е именуван д-р Арѓенд Имери, на местото на д-р Андон Чибишев.
На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија за в.д. директор е именувана д-р Мимоза Бафќари-Бакији, на местото на д-р Николина Граздановска.
На Универзитетската клиника за неврологија за нов директор е именуван д-р Игор Кузмановски, на местото на д-р Фатмир Меџити.
На Универзитетската клиника за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова, на местото на д-р Беким Поцеста.
Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од вчера.
Македонија
СДСМ: Осуда за скандалозната одлука за именување на училиште во Студеничани со името на Азем Морана

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување на општинското основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морана, според СДСМ, познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.
„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од нашето историско наследство, туку е структурна вредност на нашиот уставен поредок, на нашиот идентитет и на нашата евроинтегративна определба.
„Срамно е една влада којашто тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество коешто се стреми кон европските вредности“, велат од СДСМ.
Партијата ја повикува Владата итно да ја преиспита одлуката, водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување. Од СДСМ велат дека ќе побараат и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата.
„Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“, велат од СДСМ.