Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Со СДС нема функционер од власта без роднина на списокот за нови судии и обвинители
Додека Цветанка Иванова е генерален секретар на Собранието, снаа ѝ станува судија, непотизмот со СДС и ДУИ метастазира. Огромен сомнеж се фрла врз целиот процес за нови судии и обвинители кога ќе се види листата, се чини дека нема функционер од СДС и ДУИ што нема свој близок на списокот. Како граѓаните да веруваат во институциите кога со нив раководат фамилијарно партиски кланови, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата прашуваат каде на друго место во Европа во мандат на свекрвата како генерален секретар во Собранието снаата станува судија?
Со СДС и ДУИ довербата на граѓаните во судството и Обвинителството ќе биде сè пониска.
Како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните со право сметаат дека политичарите од власта се недопирливи пред законите кога нивните најблиски роднини се или судии или обвинители.
Со СДС и ДУИ народната – кадија те тужи, кадија те суди има ново значење – син те тужи, ќерка ти суди. Кој е епилогот од така метастазирано судство од непотозам?
Потребни се промени и нов пристап кон институциите, мерит-систем наместо непотизам и партизација, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги повикува институциите да постапат по обвинувањата за тендери во општини под контрола на ВМРО
Антикорупцискиот тим на СДСМ очекува реакција од надлежните институции по, како што наведуваат, објавувањето на сомнежите за тендерски злоупотреби во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, една иста фирма – „Пирамид билдинг солушнс“ – во периодот од 2022 година до денес добила 51 тендер во вредност од над 16 милиони евра, исклучиво од општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата наведува дека станува збор за модел на „тендерска пирамида“, во кој јавните средства завршуваат кај фирми блиски до владејачката партија.
„51 тендер. 16 милиони евра. Само една фирма“, се наведува во соопштението, со оценка дека додека нема средства за зголемување на платите и пензиите, пари има за тендери.
Од СДСМ јавно прашуваат зошто Јавното обвинителство, Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата не преземаат ништо, и бараат одговорност за наводните злоупотреби.
Партијата најавува дека ќе продолжи да објавува докази за, како што наведува, мрежа на сомнителни тендери и дека, според нив, „работата не е завршена“.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка и во Крушево
Најголема снежна покривка до 7 часот утринава е измерена на Попова Шапка – 26 сантиметри, а 15 сантиметри снег има во Крушево, информира УХМР. Снежна покривка е евидентирана и во Ѓуриште (4 см), Тетово (2 см) и Берово.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од западен правец. Максималната дневна температура ќе се движи од -1 до 7 степени.
Во Скопје, исто така, се очекува променливо облачно време со сончеви периоди, а дневната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Со паричка во погача голем број семејства вечерва ќе ја дочекаат Старата Нова година
Според Јулијанскиот календар, по кој се водат православните христијани, вечер се дочекува православната нова година, кај народот позната уште како и Стара нова година, која почнува утре на Василица.
Во Македонија, Василица многумина ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј го слават и својот именден.
Некои семејства, повеќе во западниот дел на Македонија, кршат погача со паричка. Се верува дека на оној што ќе му падне, му претстои среќна и исполнета година.
По повод православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

