Македонија
(Видео) Маричиќ за обвинувањата од Пендиков: Може кривично да се одговара
Христијан Пендиков може да одговара за навредите и обвинувањата упатени кон Македонија и Македонците, а главната улога ја има Обвинителството. Со ова е согласен и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Тој во интервјуто за „Макфакс“ посочи дека Пендиков своите тврдења дека Бугарите во Македонија се малтретирани ќе треба да ги докаже. Маричиќ го спореди европратеникот Ангел Џамбаски со Димитар Апасиев тврдејќи дека ниту едниот ниту другиот не ги претставува Бугарите, односно Македонците.
„Такво тврдење треба да се докаже. Тоа не е точно, според мене, дека е напаѓан затоа што е Бугарин. Ние одговоривме, секако дека не оправдуваме насилство кон никого“, изјави Маричиќ за „Макфакс“.
Вицепремиерот одговараше и дали може да му се одземе државјанството на Пендиков, но и што може државата да направи за да ги спречи обвинувањата и навредите што доаѓаат од натепаниот охриѓанец со бугарска самосвест.
„За обвинувањата и навредите кон Македонија, може да се одговара кривично. Не мора да го врати државјанството. Би го повикал Обвинителството, исто како што сме го повикале и во најновите случаи сега, секаде каде што има говор на омраза, омаловажување на нашиот народ и на достоинството, да си ја сработи својата работа. Пендиков не треба да биде исклучок“, рече Маричиќ.
Тој ги коментира и навредите од европратеникот Ангел Џамбаски, кој за Македонците вели дека се Бугари. Прашан дали се чувствува како Бугарин, Маричиќ вели: „Никогаш не сум се чувствувал како Бугарин“. Раскажа и за ситуации кога директно се судрил со Џамбаски во Стразбур како во салата така и надвор од неа.
За провокациите преку бугарските клубови, но и за другите напади што доаѓаат од Бугарија, одговори на темата дава Маричиќ во интервјуто за „Макфакс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

