Македонија
(Видео) Лефков: Владата и ЈО да не го премолчуваат криминалниот октопод на Груби
Зачудува молкот од Владата, молкот од ЈО и од ДКСК за скандалот поврзан со Артан Груби и неговата семејна фирма. Мислат дека ако молчат, тоа ќе се заборави. Институциите треба во итна постапка да испитаат како може братот на Артан Груби да стекне луксузен деловен простор во строгиот центар на Скопје од 127 квадратни метри, а да е платен само 100.000 евра, изјави на денешната прес-конференција, Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакна Лефков, според ова произлегува дека семејството Груби квадратен метар платиле за 700 евра, а реалната цена е над 3.000 евра. Граѓаните во Скопје за 700 евра за квадратен метар не може да купат ниту гаража, а не супер луксузен локал. Очигледно Артан Груби е фатен во небрано и затоа од една лага влегува во нова.
Нема да му помогнат ниту нарачките на порталите под негова контрола, нема да му помогнат ниту притисоците врз ЈО. Народот веќе може да го види октоподот што го создал околу себе и кој служи за богатење во услови кога сите други граѓани осиромашуваат, рече Лефков.
Лефков ги повика уште еднаш институциите да го истражат овој скандал и да проверат како е возможно семејството Груби да стекне имот 5 пати поевтин од пазарната цена. Да истражат дали семејството Груби платило повеќе, но во кеш, со цел да го скрие потеклото на парите. Да испитаат дали Артан Груби ја искористил и злоупотребил позицијата во која се наоѓа и на тој начин му помогнал на својот брат да прибави ваква имотна корист.
Скандалите поврзани со Артан Груби од ден на ден растат, а Ковачевски молчи за тоа.
Јасно е дека позначајна им е криминалната коалиција отколку правдата и вистината. Додека тие ортачат во своите матни зделки и личното богатење, граѓаните, и Македонци и Албанци и сите други, тонат во сиромаштија и безнадежност. Правда и одговорност за овој скандал, како и за многуте други поврзани со оваа Влада, мора да има, изјави Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До сабота претежно облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд
Облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните делови (локално над 30 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До сабота времето ќе биде претежно облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Во западните и јужните делови врнежите ќе бидат пообилни (локално над 30 l/m² за 24 часа). Од недела ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Муцунски на НАТО-состанок за Коридор 8: Потребнa e зајакнaта регионална поврзаност
На маргините на министерскиот состанок на НАТО, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани попладнево учествуваше на тематски состанок посветен на проектот „Коридор 8“, кој ја поврзува Република Северна Македонија со регионалната инфраструктура и пристаништата во Албанија, Бугарија, Грција и Романија и е препознаен како клучна точка за интеграција на Западен Балкан со пошироката европска мрежа.
На состанокот беше нагласена потребата од зајакната регионална поврзаност, особено имајќи ги предвид актуелните безбедносни ризици и динамичните геополитички промени. Притоа беше потенцирана заедничката определба за интензивирање на координацијата и комуникацијата меѓу сојузниците во контекст на натамошната модернизација на Коридор 8 – стратешка инфраструктура со растечко геополитичко значење.
Учесниците се согласија дека целосната реализација на Коридор 8 ќе донесе значајни стратешки, економски и безбедносни придобивки. Во светло на најновите геополитички случувања во Европа и пошироко, сојузниците ја потврдија неопходноста од забрзано вложување во Коридор 8 како дел од пошироката европска и евроатлантска безбедносна архитектура.
Македонија
Куновска по оставките во СДСМ:„Сите дома, тој останува“
Поранешната пратеничка и функционерка во СДСМ, Софија Куновска, на „Фејсбук“ објави критички статус откако вчера, на барање на партискиот лидер Венко Филипче, оставка поднесоа сите членови на раководството на СДСМ – освен самиот Филипче.
Во статусот, Куновска поставува низа прашања за тоа дали партијата „драматично тоне“ под негово водство и дали, како што пишува, самостојно ја водел кадровската политика во партијата, вклучувајќи ги кандидатурите за градоначалници и советници, „во консултација со Муртино“.
Таа понатаму прашува дали Филипче ги обликувал сите политики, изборот на тим и фирма за кампања, како и дали, без согласност на партиските органи и без координација со пратеничката група, пишувал резолуции и се нудел за широка коалиција „што јавно, што скриено“, при што, како што наведува, „постојано се туркал во прегратките на Мицкоски“.
„Исход, сите дома, тој останува“, пишува Куновска.
Таа додава дека, доколку тоа „уште еднаш помине кај интелектуалците и членството во СДСМ“, партијата ќе продолжи да се задолжува „додека не се потроши и зградата“, а сите ќе станат средство „во функција на личните интереси на неколку криминални ликови“, чии дела, според статусот, треба да застарат.
Куновска напиша и дека, според неа, Филипче „никогаш немал на памет идеја дека е дојден да победува СДСМ“, додавајќи дека „цената за овие туѓи бели дворови ќе ја плати не само СДСМ, туку и ВМРО–ДПМНЕ и сите граѓани на Македонија“.

