Македонија
Битиќи-Џикич: Зголемување на конкурентноста на целиот регион за забрзана интеграција кон единствениот пазар на ЕУ
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во Секретаријатот на ЦЕФТА во Брисел оствари средба со нејзиниот директор, Емир Џикич.
На средбата, Џикич го запозна вицепремиерот Битиќи со актуелните важни процеси на ЦЕФТА, пришто истакна дека заедно со Регионалниот центар за соработка (RCC) работат во делот на финансиските услуги, на намалувањето на банкарските провизии, е-трговија како и ред други приоритети.
Вицепремиерот Битиќи укажа дека основното начело на Регионалниот центар за соработка (RCC) и на самата ЦЕФТА како регионални иницијативи е подигнување на конкурентноста на компаниите и регионалните економи.
„Не смееме повеќе да губиме време, колку побрзо сфатиме дека регионот мора да работи конкурентно и во соработка, неместо како конкуренција, толку побрзо и полесно ќе можеме да се интегрираме кон единствениот пазар на Европската Унија“, кажа вицепремиерот Битиќи.
На состанокот вицепремиерот Битиќи и директорот на ЦЕФТА, Џикич разговараа и за процесите на неаршоринг и решоринг како можности за регионот како и за придобивките од дигиталната трансформација на економиите на Западен Балкан.
Средбата се реализираше во склоп на престојот на вицепремиерот Битиќи во Брисел каде учествува на билатералниот скрининг состанок од Кластер 2, „Внатрешен пазар“, поточно Поглавје 9 „Финансиски услуги“, а за утре е закажан состанокот за Поглавје 28, „Заштита на потрошувачите и јавно здравје“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температури до 27 степени и можност за локален дожд
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови во западните делови ќе има услови за локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Од УХМР информираат дека утре претежно во западните делови од земјата ќе има појава на краткотраен дожд. Потоа времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Дневната температура ќе биде во постепен благ пораст.
Македонија
Невреме во Тетово: Поплавени улици, домови, гаражи
Силно невреме го зафати Тетово, поплавени се улици, домови, гаражи.
Невреме со силни врнежи од дожд, град и грмотевици попладнево ја зафати Општина Тетово и околината.
„Врнежите предизвикаа поплавување на дел од улиците, посебно кај касарната на влезот на Тетово и на неколку куќи во Мала Речица-Општина Тетово“, информира вечерва Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово.
За невремето известени се и ТППЕ-Тетово, ЈКП-Тетово и одговорни лица во Општина Тетово.
Македонија
Митева: Состојбата во односите со Бугарија е последица на погрешните политики на СДС
„Ситуацијата не е настаната од вчера за денес. Не зборуваме ние за состојба која била совршена до вчера, а од денес не е совршена. Зборуваме за причинско последични состојби и дека состојбата во која сме дојдени е резултат на погрешно преземани политики на СДС”, истакна портпаролката, пратеничка и членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.
Митева продолжи и додаде:
„Во делот на тоа што се случува помеѓу Бугарија и Македонија е состојба која ја предизвика СДС со погрешните политики”, вели Митева Митева истакна дека состојбите кои ги креира СДС се тотално погрешни.
„Состојбите кои ги креира СДС од позиција на опозиција се тотално погрешни и користи политика за дневно политички поени без никаква суштина”, кажа Митева.
Митева истакна дека за разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ е многу посветена.
„За разлика од СДС, ВМРО-ДПМНЕ е многу посветено и ќе ја оправда довербата која на 8-ми мај ја доби од граѓаните”, заклучи Митева.