Македонија
Боки 13 преку адвокатите опоменува: Центрите на моќ да ги тргнат рацете од операцијата „Бумеранг“

Правниот тим на Бојан Јовановски-Боки 13 побарал термин за поднесување кривични пријави и почнување на кривично-правната операција, која ја нарекоа „Бумеранг“. Тие велат дека поради обемноста на материјалите што Боки13 ги поседува, побарани се повеќе термини. Напоменуваат дека квалитативната обработка на материјалот, доказите, ќе се врши исклучиво во присуство на подносителот Бојан Јовановски и на неговите полномошници, адвокатите“.
„Поради чувствителноста, карактерот и сериозноста на почнатиот процес со кодно име ‘Бумеранг’, апелираме до јавноста дека тој ќе се врши транспарентно во име на високиот степен на јавниот интерес. Гласно укажуваме до центрите на моќ, кои веројатно се директно засегнати од овој процес, да не вршат притисоци, да не упатуваат директни и индиректни закани и да престанат со незаконски дејства на уценувања и заплашувања со цел да го спречат и попречат почнатиот процес ‘Бумеранг’. Секако дека ваквите погоре опишани дејства од центрите на моќ беа очекувани за нас, но недвојбено истакнуваме дека ништо од сето тоа нема да ја спречи реализацијата на кривично-правната операција ‘Бумеранг’ и дека во одреден момент, доколку продолжи трендот на притисоци, закани, уцени, засегнатите страни ќе добијат соодветен одговор за своите незаконити дејства, кои интензивно и заткулисно се случуваат изминативе денови од кога јавно е објавено почнувањето на процесот“, посочува адвокатскиот тим на Боки 13.
Тие се обратија и до меѓународниот фактор.
„Го повикуваме и меѓународниот фактор во име на императивната заложба за владеење на правото и во име на фактот што во изминатите години токму од меѓународната заедница се вложени големи финансиски средства во нашата држава и правосудните институции за подобрување и прогрес на правото и правната држава, да го следат со внимание почнатиот процес и во рамките на своите надлежности да дадат свој позитивен придонес кон реализација на процесот. Јавноста ќе биде информирана за првиот термин и за другите усогласени термини за предавање на доказниот материјал и пријавите во ОЈО за ГОКК Скопје“, додаде адвокатскиот тим на Боки 13.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нов сообраќаен режим за еднонасочен сообраќај на улицата Белградска

Изминатиов викенд екипи на ЈП Улици и патишта Скопје на улица „Белградска“ ја поставија новата вертикалната сигнализација за еднонасочен сообраќај.
На оваа сообраќајница во насока од булевар „Мајка Тереза“ кон улица „Димче Мирчев“ согласно основен сообраќаен проект воведен е нов сообраќаен режим за еднонасочен сообраќај.
ЈП Улици и патишта Скопје апелира до учесниците во сообраќајот да го почитуваат новото сообраќајно решение на оваа сообраќајница.
Македонија
Објавени добитниците на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, на својата последна седница донесе одлука за доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година.
Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Добитници на наградата во областа на културата и уметноста за 2025 година се: актерот Гоце Тодоровски, писателот за деца и возрасни Александар Кујунџиски, поетот, романсиер, драмски писател и новинар
Братислав Ташковски и писателот акад. Божин Павловски.
Свеченото врачување на наградите ќе се одржи на 23 октомври 2025 година (четврток), во 12:00 часот, во Собранието на Република Северна Македонија.
Македонија
По 61 година, учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

„Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.
„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.
Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.
Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.