Свет
(Видео) Објавена снимка од драмата над Бостон: совладан мажот кој се обиде да отвори врата во авион и да избоде човек

Маж од американската сојузна држава Масачусетс се обидел да ја отвори вратата на авионот за време на лет на релација Лос Анџелес – Бостон, а потоа со скршена метална лажица се обидел да прободе член на екипажот во вратот.
На социјалните мрежи се појави видео од инцидентот. На него се гледа дека Франциско Северо Торес (33) од Леоминстер е совладан со помош на патниците и уапсен на аеродромот во Бостон, кога авионот на „Јунајтед ерлајнс“ слетал на пистата.
View this post on Instagram
Тој е обвинет за попречување на летот и обид за нанесување телесна повреда на член на екипажот со опасно оружје, пренесе „АП“.
Патниците го совладаа Торес, кој беше задржан од екипажот, а „Јунајтед ерлајнс“ соопшти дека никој не е повреден во инцидентот.
Доколку биде прогласен за виновен, Торес може да биде осуден на доживотен затвор, наведува „АП“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Стејт департмент: Претседателот е задоволен од прекинот на огнот

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е задоволен од прекинот на огнот меѓу Израел и Иран.
„Мислам дека кога ќе се погледне начинот на кој се одвиваше денот, имаше одредена активност од двете страни, но тоа сега престана и прекинот на огнот е на сила“, рече таа.
„Претседателот е задоволен. Затоа мислам дека можеме да го земеме тоа како показател за неговите чувства во овој момент“, додаде Брус.
Свет
Нетанјаху: Постигнавме историска победа

Постигнавме историска победа, објави во видео порака, израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Тој рече дека победата ќе се памети со генерации, додавајќи дека Израел никогаш немал подобар пријател во Белата куќа од Доналд Трамп.
„Елиминиравме две непосредни егзистенцијални закани – нуклеарната закана и заканата од балистички ракети. Доколку не дејствувавме, наскоро ќе се соочевме со опасноста од уништување“, додаде тој.
Свртувајќи го своето внимание кон „иранската оска“, тој рече дека Израел „мора да ја заврши кампањата“.
„Тоа значи поразување на Хамас и враќање дома на сите израелски заложници што остануваат во Газа, мртви или живи“, рече тој.
Свет
Иран објави крај на војната

Иранскиот претседател, Масуд Песекијан, денес објави крај на 12-дневната војна со Израел во порака до нацијата и рече дека не сака да се здобие со нуклеарно оружје, туку да ги реши сите несогласувања на преговарачката маса, објави новинската агенција ИРНА.
„Денес, по херојскиот отпор на нашата голема нација, која со решителност пишува историја, сме сведоци на стапувањето во сила на прекинот на огнот и крајот на таа 12-дневна војна наметната од авантуризмот и провокацијата на Израел“, напиша Песекијан.
Тој повтори дека неговата земја не се обидува да се здобие со нуклеарно оружје, но дека ќе продолжи да го брани своето легитимно право да развива цивилна нуклеарна програма.
Во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Мохамед бин Зајед, Песекијан рече дека „со оглед на нивните односи со САД, тој очекува ОАЕ да им објасни дека Иран сака само да ги оствари своите легитимни права“, додаде ИРНА.
Израел го нападна Иран на 13 јуни, обвинувајќи го теократскиот исламистички режим дека се обидува да се здобие со атомско оружје, уништувајќи стотици воени и нуклеарни објекти. Исламската Република одговори со лансирање стотици ракети и беспилотни летала кон Израел.
Во неделата, САД извршија невидени напади врз три ирански нуклеарни објекти. Двете страни остануваат длабоко поделени околу прашањето за збогатување на ураниум. Иран тврди дека тоа е право за кое не може да се преговара, додека Вашингтон го смета за „црвена линија“. Иран вчера испука ракети врз американската воена база во Катар.