Македонија
НАТО ни помага да се справиме со хибридниот напад, граѓаните да не се грижат, порача Ковачевски
Справувањето со интензивниот хибриден напад го правиме заедно со нашите НАТО-сојузници, граѓаните да се спокојни. Ваква е пораката по средбата на премиерот Ковачевски и владината делегација со претставници на НАТО предводени од заменик-помошникот генерален секретар за новите безбедносни предизвици, Џејмс Апатураи.
На состанокот стана збор за актуелните хибридни закани и напади со кои се соочува Македонија, како и другите земји членки на алијансата.
![]()
Констатирано е дека се работи за малициозни обиди за внесување страв и немир кај граѓаните и поткопување на довербата и кредибилитетот во институциите.
Министрите имаа можност да разговараат со експертскиот тим на НАТО во насока на досега преземените мерки и активности со кои е обезбедена стабилноста и безбедноста на граѓаните и поради кои заедно со безбедносните служби ја ценат состојбата во земјата како целосно стабилна.
Имаше дискусија и за поврзаноста на почетокот на воената агресија врз Украина од страна на Русија и нејзиното коинцидирање со интензивирањето со хибридните напади во регионот и врз другите членки на НАТО.
Заменик-помошникот генерален секретар за нови безбедносни предизвици, Апатураи, нагласи дека предизвиците со кои се соочува Северна Македонија се предизвици за НАТО-членките и дека Владата ниту понатаму нема да се справува сама со хибридните закани, исто како што тоа не го правела ниту досега. НАТО ќе продолжи да споделува знаења и техничка поддршка за создавањето долгорочна отпорност.
Ковачевски се заблагодари на НАТО за целата поддршка што Северна Македонија ја добива во борбата со новите безбедносни предизвици и за договорените следни чекори во зајакнување на сајбер-безбедноста на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фокус на менталното здравје на децата и младите на „Денови на психологијата“
Комората на психолози на Република Македонија и годинава ја организира акцијата „Денови на психологијата“, соопштија од Комората. Целта е афирмација на професијата, промоција на дејноста и улогата на психологот во општеството, како и доближување на психолошката поддршка до пошироката јавност.
Под слоганот „Грижа за менталното здравје на децата и младите – градење на здрава иднина“, овогодишното издание го става фокусот на растечката потреба за рано препознавање, зајакнување и поддршка на менталното здравје на најмладите.
Комората упати јавен повик до сите психолози да се пријават за учество во реализацијата на психолошки активности што ќе се одржуваат од 1 до 10 декември 2025 година.
Агендата за „Денови на психологијата 2025“ ќе биде достапна на официјалните страници Instagram: denovinapsihologija и Facebook: Денови на психологија, каде ќе се објавуваат датумите, термините и локациите на настаните, информации за онлајн вебинарите и извештаи од реализираните активности.
Македонија
Економијата и инвестициите во фокусот – работни средби на Муцунски во Литванија
Во рамки на вториот ден од работната посета на Вилнус, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари одвоени средби со министерот за економија на Литванија, Едвинас Грикшас, и со претседателот на Конфедерацијата на индустријалци, Видмандас Јанулевичиус.
На средбите, Муцунски го претстави силниот ангажман на Владата за создавање поволна деловна клима преку атрактивни стимулации, современа регулатива и висококвалификувана работна сила. Тој истакна дека привлекувањето нови компании во клучни области како технологијата и иновациите, отворањето работни места и забрзувањето на економскиот раст и развој се врвен приоритет на економскиот ресор.
Разговорите беа насочени и кон можностите за интензивирање на економската соработка, како и кон конкретни иницијативи за унапредување на трговијата и инвестициите меѓу двете држави – на владинo и на компанискo ниво.
Македонија
Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е исправна и може непречено да се употребува, велат од „Водовод“ по труењето во училиштето
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје информираат дека по извршениот вонреден мониторинг, водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош е целосно безбедна за употреба.
„ЈП Водовод и канализација – Скопје на ден 26.11.2025 година изврши вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ Димо Хаџи Димов, општина Карпош.
Секторот за санитарна контрола зема 4 примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.
Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата во ООУ Димо Хаџи Димов во општина Карпош е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува“.

