Македонија
(Видео) Стојаноски: Груби го компромитира надзорот над коридорите 8 и 10д
Груби го компромитира надзорот над коридорите 8 и 10д, конзорциумот што ќе го врши надзорот го составувал договорот што Владата ќе го потпише со изведувачот за изградба, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
„Целата постапка за избор на надзорот индицира на кроење на условите за конзорциумот воден од ИРД, а од кој дел се ЕПТИСА, која со одлука на Владата е утврдено дека работела незаконски, ‘Електра солушн’, која добива лиценца среде јавен повик, и ‘Евроконсталтинг’ на Бранимир Димитриевиќ, вмешан во меѓународна криминална шема, кого го бараа ерменските власти.
Ковачевски и Груби не само што го доделиле надзорот на „ИРД инженеринг“ туку со тендерот е дефинирано дека надзорот ќе биде и правен советник за трансакции, а со тоа ИРД како предводник на конзорциумот, покрај тоа што ќе врши надзор над изградбата што ќе ја врши изведувачот, туку добила ексклузивна можност да преговара со идниот изведувач и да го состави договорот помеѓу Владата и изведувачот „Бехтел и Енка“, кој Владата само треба да го усвои. Владата скрои таков тендер што на идниот надзор му даде можност да го состави договорот што таа ќе потпише со изведувачот кого истиот тој надзор потоа треба да го контролира.
Имено, Артан Груби во текот на вчерашниот ден на „Фејсбук“ напиша статус, во кој вели: На работна маса го имавме извештајот на нашиот консултант за финансиски трансакции „ИРД инженеринг“ за текот на преговори со конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој го разгледавме и едногласно го усвоивме предлагајќи ѝ на Владата да го усвои договорот за изградба на модерниот автопат до границата со Албанија.
Во следната објава на „Фејсбук“, Груби ќе напише дека е усвоена содржината на договорот што „ИРД инженеринг“ и „Бехтел и Енка“ го преговарале 28 дена.
Груби констатира дека Владата го усвоила и ќе го потпише договорот што „ИРД инженеринг“ за нив го преговарала со „Бехтел и Енка“, идниот изведувач, кој истата таа „ИРД инженеринг“ треба да го контролира.
Која независност и непристрасност ќе ја има надзорот претставуван од „ИРД инженеринг“ кога истиот тој го составил договорот со „Бехтел и Енка“? Како можеме да бидеме сигурни дека надзорот ќе биде навистина независен кога тој од страна на власта е вклучен во создавање на договорот со изведувачот?
ЈО да не чека и да отвори случај. Владата е на пат да го компромитира целиот процес за изградба на коридорите 8 и 10д, а со тоа и да внесе во тежок срам фирми со децениско искуство и реноме и уште еднаш да го наруши угледот на Македонија пред светот“, рече Стојановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Бошњачката заедница е нераскинлив дел од нашето мултиетничко општество
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, вечерва присуствуваше на одбележување на Меѓународниот Ден на Бошњаците, во организација на Странката на демократска акција на Македонија (СДА).
Во обраќањето пред присутните, Филипче прача дека бошњачката заедница е нераскинлив дел од општеството и има значаен придонес во развојот и напредокот на Северна Македонија.
„Граѓаните Бошњаци по измените на Уставот од 2001 година, станаа дел од преамбулата и на нашиот Устав. Со нивната традиција, како составен и нераскинлив дел од нашето мултиетничко општество, имаат значаен придонес во развојот и напредокот на државата. Бошњачката заедница во Северна Македонија активно се вклучи во успешниот концепт „Едно општество за сите“, со кој Северна Македонија сега е пример во Ервопа и регионот за дијалог, меѓусебно разбирање и почитување“, рече Филипче.
Воедно, претседателот на СДСМ, Филипче ја потенцираше важноста на Странката на демократска акција на Македонија (СДА), која како коалициски партнер на СДСМ, изминативе години даде поддршка на развојните политиките во периодот на Владата на СДСМ.
„Во основното образование за учениците Бошњаци се врати редовната настава на босански јазик, Северна Македонија и Босна и Херцеговина потпишаа серија на билатерални договори во интерес на граѓаните,Скопје и Сараево станаа збратимени градови. Со својата прогресивна идеологија во изминатите години, СДА активно учествуваше во сите процеси кои ја придвижија државата напред, како што е членството во НАТО и започнувањето на преговорите со Европската Унија“, рече Филипче, додавајќи дека токму тоа и е разликата СДСМ и актуелната власт .
Филипче во своето обраќање нагласи дека СДСМ и СДА и во иднина ќе делуваат заеднички и ќе се залагаат за соживот,меѓусебна почит и интеграција на државата.
„ За жал деновиве сме сведоци на едни политики кои ја враќаат државата назад во изолација, нешто за што граѓаните не гласаа. И тоа не смееме да го дозволиме, не смееме да се откажеме од европскиот пат, од европска иднина за нашите граѓани. СДСМ и СДА и понатаму ќе продолжат да делуваат заеднички, ќе се залагаме за демократските вредности и инклузија на сите заедници, за интеграција, а не за изолација на државата“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Промена на времето: УХМР за утре најавува дожд, силен ветер и драстичен пад на температурите
Управата за хидрометеоролошки работи најавува значителна промена на времето утре – дожд, засилен ветер и пад на температурата.
Утре под влијание на влажна и постудена воздушна маса од север ќе настапи позначителна промена на времето. Од утринските часови најпрвин во северните делови, ќе има повремени врнежи од дожд и локална појава на грмежи. Ќе дува силен ветер (наместа над 70км/ч.) кој ќе продолжи и во понеделник.
ИЗВОР: УХМР
Дневната температура значително ќе се намали (утре за 6 до 8, а во понеделник уште за дополнителни 4 до 6 степени). Потоа во следните два дена времето ќе биде сончево со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.
Во Скопје, утре ќе има повремени врнежи од дожд, локално со појава на ретки грмежи и силен ветер.
Од четврток се очекуваат нови врнежи од дожд.
Македонија
Претседателката Сиљановска Давкова се сретна со генералниот секретар на Советот на Европа, Алан Берсе
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, оствари средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Алан Берсе.
На средбата беа разменети мислења за целите и приоритетите насочени кон демократизацијата на македонското општество, човековите права и владеењето на правото. Реафирмирајќи ја посветеноста за натамошна конструктивна соработка со Советот на Европа, претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство од континураната поддршка за нашето целосно усогласување со европските стандарди и вредности.
Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи важноста од кредибилно постапување на Европската Унија во однос на интеграцијата на земјите од Западен Балкан кога напредокот на поединечните кандидати е евидентно заслужен. Таа се осврна и на неопходното обезбедување усогласеност со обврските што земјите-членки ги презеле, вклучително и правилното спроведување на пресудите на Судот во Стразбур.
Соговорниците разговараа и за актуелните безбедносни состојби во Европа, со акцент на војната во Украина, како и за потребата од посветеност и заеднички пристап кон сегашните и идните предизвици какви што се влијанието на новите технологии и климатските промени врз човечките ресурси.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова упати честитки до новоизбраниот генерален секретар на Советот на Европа, Алан Берсе, изразувајќи искрени желби за успешно исполнување на важната мисија и продолжување на плодната соработка со македонските институции.