Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Жените борци се лекција за идните генерации – што значи да се бориш за државата што ја имаме денес

Секогаш кога поминувам во центарот на Скопје, споменикот на жените во НОБ во Паркот на жената борец ме потсетува и претставува доказ за храброста и сплотеноста на жените борци, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод одбележувањето на 8 Март пред четириесет жени – продолжувачи на идеите на жените борци и членки на Сојузот на борците.
„Со самиот факт дека од 100.000 жени што се бореле во минатото, околу 25.000 биле убиени, а токму бројките нè потсетуваат дека сите жени во борбата биле еднакви, буквално од селанки до учителки и интелектуалки, се бореле рамо до рамо со своите машки другари покажувајќи дека жените се исто толку способни и храбри како и мажите. Тие се лекција за идните генерации како е да се бориш за државата што ја имаме денес“, додаде таа.
Рече дека голем број жени исто така учествувале во логистичка поддршка и служејќи како медицински сестри и докторки за лекување на ранетите, а масовното учество на жените било забележано во бунтовничките области, каде што и тогаш неуморно се грижеле за образованието, децата да учат во училиште, да се организираат културни активности и задруги, а со тоа јасно и гласно ја покажувале својата издржливост и снаодливост.
„Како горда внука на Пецо Гудовски, носител на Партизанска споменица 1941, пораснав со раскажувањето на настаните и подвизите на партизаните и партизанките, кои денеска им ги раскажувам и на моите деца, за важноста и херојската борба против фашистичкиот окупатор и денеска, на Меѓународниот ден на жената, сакам јавно да се заблагодарам за сè што сториле жените борци за нас како жени, за придонесот во историјата на Македонците“, вели Костадиновска-Стојчевска.
Таа додава дека жените борци го отворија патот за идните генерации девојки и жени за да се инспирираме од нивната храброст и да продолжиме да градиме подобро, поправедно и еднакво општество за сите.
„Нивната храброст и пожртвуваност го отвори патот за слободата и просперитетот што ги уживаме денес во Северна Македонија, но мора да признаеме дека имаме уште многу работа за да се постигне вистинска родова еднаквост и мора да продолжиме да се бориме за правата на жените во сите области од животот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево
Македонија
Дел од Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· Oд 09:00 до 14:30 часот, дел од корисниците на ул.Мечкин Камен и ул.Дубровничка.(Општина Ѓорче Петров).
· Oд 12:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од ул. 4 во Ново Село .(Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претпладне облачно со повремен локален дожд, попладне облачноста ќе се намалува

Времето денеска, претпладне облачно со повремен локален дожд. Попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен и југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно и нестабилно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа ќе има услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер.