Свет
Зеленски: Немаме за што да разговараме во моментот со Путин, не си стои на зборот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е решена да победи во војната со Русија и во моментот не може да замисли ситуација во која би се сретнал со рускиот претседател, Владимир Путин.
„Не постојат такви околности за кои би можеле да разговараме со претседателот на Руската Федерација бидејќи тој не си стои на зборот. Не му веруваме“, изјави Зеленски во интервју за американскиот Си-ен-ен.
Го повтори ставот на Киев дека Русија првин треба да ја напушти територијата на Украина и дури потоа може да се бара формат за организирање дипломатски преговори.
Зеленски најави дека е многу благодарен за посетата на американскиот претседател, Џо Бајден, во Киев минатиот месец.
„Важен сигнал до целиот свет е дека САД нè поддржуваат. Mислам дека САД веруваат дека ќе победиме“, рече украинскиот претседател.
На прашањето дали очекува САД да испратат борбени авиони „Ф16“ во Украина, Зеленски одговори дека прашањето за борбените авиони е тешко и оти Киев „чека да се донесе оваа одлука“.
„Навистина ни треба ова и апелираме до претседателот Бајден, САД да почнат со обука на украинските пилоти, на што ми рече дека ќе работат. Верувам дека САД ќе ни дадат шанса да го одбраниме нашето небо“, рече Зеленски.
Тој е убеден дека борбените авиони би можеле да бидат одлучувачки за победата на Украина во војната со Русија, но и дека Бајден и неговите соработници веруваат оти авионите во овој момент не се потребни.
Зеленски зборуваше и за повеќемесечните конфликти што се водат околу Бахмут и изјави дека Киев е цврсто решен да го брани овој град од стратешки причини.
Предупреди дека Русија ќе има отворен пат низ источниот дел на земјата доколку го освои Бахмут.
Зеленски рече дека тоа е тактички важно за Украина и изјави дека военото раководство е единствено во својата одлука да ги задржи војниците во градот и да ја прошири одбраната на Бахмут, кој е на работ да падне во рацете на руската армија по неколкумесечни напади.
Зеленски исто така го покани претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Кевин Мекарти, да ја посети Украина со цел од прва рака да дознае за ситуацијата на теренот.
Мекарти изјави за Си-ен-ен дека не планира да ја посети Украина и рече дека Бајден не дејствувал доволно брзо за да ѝ помогне на земјата.
Републиканецот од Калифорнија нагласи дека ја поддржува Украина, но не и бланко-чек за Киев, пренесува американската телевизија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Си-ен-ен им се заблагодари на грузиските граѓани што го носеле знамето на неговата земја за време на демонстрациите во вторникот и средата.
Тој најави дека Украина сака членство во Европската Унија, но сака и Грузија и Молдавија да бидат таму и дека е убеден дека тоа ќе се случи.
Украинскиот лидер зборуваше и за тоа како тој и неговото семејство се справуваат со војната, која влезе во втората година.
„Ќерка ми се запиша на факултет и таму студира, а син ми оди на училиште во Украина. И двајцата се во земјата. Тие се многу слични на другите украински деца. Живееме со сирени“, рече Зеленски.
Тој на крајот рече дека Украина сака војната да заврши и е решена да победи во овој конфликт.
„Сакаме да победиме. Не сакаме да се навикнеме на војна, но се навикнавме на предизвици. Сите сакаат едно, да заврши војната“, нагласи Зеленски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар во болница во Милано, пациентите евакуирани
Утрово околу 10 часот, избувна пожар во павилјонот 16 од болницата Сако во Милано.
За неколку минути, пламенот зафати дел од дијагностичката архива и се прошири на областите каде што медицинскиот персонал во тој момент прегледуваше десетици пациенти, пишува Ил Месаџеро.
Благодарение на заедничката интервенција на пожарникарите и болничкиот персонал, никој не е повреден.
Сите пациенти се евакуирани, а триесет пожарникари кои излегоа на терен вршат санација на подрачјето.
Свет
Европски војници пристигнаа на Гренланд
Европски војници од неколку земји пристигнаа на Гренланд за заеднички воени вежби, во време кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази интерес островот да биде под контрола на САД. Во главниот град Нуук слета француски контингент, а се приклучуваат и сили од Германија, Шведска, Норвешка, Холандија и Обединетото Кралство, јавува Би-Би-Си.
Распоредувањето следи по состанок во Вашингтон меѓу министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс. Данскиот министер Ларс Локе Расмусен оцени дека разговорите биле конструктивни, но дека останало „темелно несогласување“.
Трамп изјави дека на САД му треба Гренланд за националната безбедност и не ја исклучи употребата на сила. Францускиот претседател Емануел Макрон најави проширување на мисијата, додека полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека евентуална американска интервенција би била „политичка катастрофа“.
Русија изрази загриженост поради засилувањето на присуството на НАТО на Арктикот. Од кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер соопштија дека распоредувањето има цел да ја одврати руската и кинеската активност.
Германија испрати транспортен авион со 13 војници во рамки на данските вежби „Операција Арктичка издржливост“. Данска најави ротациона и потрајна сојузничка присутност. Премиерката Мете Фредериксен рече дека одбраната на Гренланд е заедничка грижа на Алијансата.
Премиерот на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен порача дека Гренланд не сака да биде дел од САД и, ако мора да избира, би ја избрал Данска.
Свет
Макрон: Франција ќе испрати воен брод на Гренланд
Франција наскоро ќе испрати воен брод, авиони и дополнителни војници на Гренланд, изјави францускиот претседател Емануел Макрон. Тој предупреди на појавата на „нов колонијализам“ и на изјави што, како што рече, „сеат сомнеж, дури и меѓу сојузниците“.
Макрон ова го соопшти во новогодишното обраќање до француските вооружени сили, наведувајќи дека дел од француските војници веќе се распоредени на Гренланд, на барање на Данска, каде им се приклучиле сили од Норвешка, Шведска и Германија.
„Нашите сили во наредните денови ќе бидат дополнително зајакнати копнено, поморски и воздушно“, рече Макрон, без да наведе детали.
Според достапните информации, најмалку еден француски воен брод и неколку авиони веќе се на пат кон северниот Атлантик.

