Култура
Камерниот оркестар „Профундис“ со мултимедијален концертен спектакл „ГРУВ“
Досега невидени сценски визуелни ефекти во форма на 3Д-мапинг и уникатна програма ќе бидат премиерно прикажани на концертниот спектакл GROOVE (ГРУВ) на македонскиот камерен оркестар „Профундис“, кој ќе се одржи на 21 април на сцената на Националната опера и Балет.
На ова аудиовизуелно доживување како солист ќе настапи виртуозот на виолончело, Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки, кој пред македонската публика ќе се претстави заедно со врвните музичари од камерниот состав „Профундис“ под диригентската палка на маестро Ѓурѓица Дашиќ.
Музичкото искуство на присутните ќе биде збогатено со специјално креирани 3Д-визуелни ефекти, кои со технологијата на 3Д-мапинг во целост ќе ја оживеат сцената на Националната опера и Балет и ќе бидат уникатно доживување, кое првпат ќе се одржи во нашата земја на концерти од класичната музика.
На концертниот спектакл GROOVE (ГРУВ) ќе прозвучи оригинална програма со четири праизведби составени од класиката преку фолклорот до рокенролот. Ексклузивноста на програмата преку делата на Џими Хендрикс, Палп Фикшн – Мизерлоу, В.Валтон, Д. Шостакович, Офенбах, Попер и Сарасате, ќе ја збогати и делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски – Motus folklorikus, напишано специјално за овој настан и посветено на камерниот оркестар „Профундис“.
„Овој концерт е доказ дека креативноста не познава граници и ќе биде навистина, неверојатно, мултимедијално доживување, кое се одржи еднаш, но останува засекогаш. Користиме технологија, која првпат се употребува на концерти од ваков тип и во комбинација со виртуозноста во сценскиот настап на солистот Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и уникатната програма ќе ја разбуди синергијата кај секого од присутните“, изјави маестро Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.
Инаку, ова е следен во низата концертни спектакли на камерниот оркестар „Профундис“ откако минатата година ја одбележа настапот на светски познатата виолинистка Ирина Мурезану, која ја наполни концертната сала на Националната филхармонија.
Настанот ќе се одржи во Националната опера и Балет на 21 април (петок) со почеток во 20 часот. Влезниците, по цена од 750 денари, се продаваат преку продажната мрежа на „МКТикетс“ во државата, како и на следниот линк – https://mktickets.mk/event/groove/.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.