Македонија
Боки 13 одново ѝ пиша на Агелер: Се соочувам со закани и уцени од засегнати во операцијата „Бумеранг“, ве замолувам да ме посетите во најкус рок
По 15 дена од првото писмо, Бојан Јовановски-Боки 13 испратил второ писмо до американската амбасадорка во Македонија, Анџела П. Агелер. Во него, освен за тортурата врз него, пишува и за криминалци, кои се на слобода. Боки 13 упатува и замолница до амбасадорката за посета во затворот „Идризово“, а поради кривично-правниот процес „Бумеранг“ за кој најави дека ќе го почне преку доставување видео и аудиоснимки, пораки и транскрипти до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Писмото доставено до медиумите, а упатено до американската амбасадорка во Македонија, Анџела П. Агелер, го пренесуваме во целост:
„Јас, Бојан Јовановски, со прекар Боки 13, медиумски работник, јавна личност и активист, осуден на казна затвор за случајот во јавноста познат како ‘Рекет’, аналогно на претходното известување што го испратив до Вас, а во кое Ве известив за актуелните случувања и испратив барања и замолница до Вас, со ова ново известување до Вас имам цел изворно да Ве запознам и информирам за сите новонастанати состојби во врска со мојот случај и тортурата проследена со незаконити дејства, нечовечно однесување и постапување од страна на надлежните органи, која се врши над мене во непроменет континуитет, но со зголемен интензитет. Со оглед на мојата здравствена состојба за која Ви ги испратив во прилог на претходното известување сите медицински докази, во смисла на комплетна медицинска документација, со која се потврдува мојата животозагрозувачка состојба, а сето тоа доведено во корелација со моето барање за прекин на издржување на казната затвор во согласност со законската одредба од Законот за издржување на санкциите, ве информирам дека сè уште не е постапено по моето истакнато барање до Основниот кривичен суд Скопје, односно сè уште нема одлука во жалбената постапка по првостепеното решение ПК бр. 18/22 за кое изразив сериозен и основан сомнеж дека решението е антидатирано и фалсификувано (за основаноста на сомнежите ќе зборувам пред надлежен орган кога ќе бидам повикан и спроведен). Второстепена постапка по жалба повторно се води пред Основниот кривичен суд Скопје пред Кривичниот совет на истиот суд и во текот на жалбената постапка од страна на одбраната доставени се дополненија на жалба со нови докази, кои одат во поткрепа на основаноста на барањето за прекин, а тоа се:
– отпусно писмо од ЈЗУ УКХБ СВ. НАУМ ОХРИДСКИ СКОПЈЕ од 17.2.2023 година;
– специјалистички извештај од конзилијарен преглед од 16.2.2023 година;
– 11 потврди од Службата за итна медицинска помош – Скопје;
– специјалистички извештај од контролен преглед од 1.3.2023 година од ЈЗУ УКХБ СВ.НАУМ ОХРИДСКИ Скопје.
Ве информирам дека барање за прекин е истакнато и до директорот на Управата за извршување на санкциите на 1.2.2023 година и дека и од овој орган како суверен во својата одлука сè уште нема одлука по барањето.
Судот, односно претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, поради своите лоши намери и негативната тенденција кон мене, изразени и видливи преку првостепеното решение ПК бр.18/22, со кое барањето за прекин го одби како неосновано, решение кое е под сомневање за сторен фалсификат и антидатирање, ги девалвира и ја наруши кредибилноста на докторите специјалисти и супспецијалисти, кои се докажани врвни стручњаци во областа, дел од терцијарното ниво на здравствена заштита како највисоко ниво од државниот здравствен систем и ги погази нивните издадени категорични и стручни препораки за моето понатамошно лекување како единствени компетентни за оценка на мојата здравствена состојба. Воедно, важно за напомена дека единствен законски услов што треба да биде исполнет за уважување на поставеното барање во согласност со чл. 224 ст.2 од Законот за извршување на санкциите е мислење од здравствен работник, а во конкретниот случај има повеќе мислења што со сигурност укажуваат на мојата животозагрозувачка состојба и дека лекувањето не може и не смее да продолжи во пенални услови бидејќи може да настанат компликации, кои може да завршат со смртоносни последици за мојот живот, сето ова сега и потврдено на самото место во реално време и простор во затворската установа од 11 доктори од Службата за итна медицинска помош – Скопје. Исто така, важно за напомена е фактот дека на осудени лица им се овозможувал институтот прекин и за помали дијагнози и интензитет на болеста.
Од сето наведено, а во смисла на фактот дека барањето за прекин на издржување на казната е постапка од итен карактер, Ве информирам дека постапката е почната на 14.11.2022 година и веќе речиси 4 месеци нема одлука по барањето, а во согласност со законот и донесувањето судски одлуки во разумен рок, дотолку повеќе што во овој случај се работи за одлука од итен карактер, во правна законска смисла е недозволиво постапката да трае речиси четири (4) месеци, што единствено упатува на негативна тенденција од страна на судот, селективно и незаконито постапување, со кое нешто неоспорно ми се нарушуваат загарантираните законски права и загарантираните човекови права во согласност со Уставот, во смисла загрозување на мојот живот и здравје и крајно поигрување со човечки живот дотолку повеќе што од доказите неоспорно ќе увидите дека е констатирано и утврдено на самото место во реално време и простор во затворот од 11 доктори опишано во писмени потврди со потпис од секој доктор од Службата за итна медицинска помош, која доаѓаше секој ден во затворот откога ме вратија таму, дека не постојат услови и начин за мое лекување, третман и примена на хигиено-диететски режим во затворската установи и во пенални услови, иако, како што веќе напоменав, ми беше препорачано задолжително лекување во домашни услови од страна на стручен конзилиум од надлежните клиники и во отпусното писмо од клиниката, сето опишано во медицински конзилијарни стручни мислења, кои ви ги испратив во претходното известување. Сè уште сметам дека и јас сум рамноправен граѓанин на оваа држава и дека и за мене важат истите права и можности како и за сите други граѓани на државата, особено важно – сметам дека и за мене важи начелото на неповредливост на физичкиот и психичкиот интегритет загарантиран со Уставот на РС Македонија и единствено барам законито постапување и правда.
Оттука, во прилог на ова известување Ви ги испраќам сите погреспоменати документи – докази, кои се доставени до надлежните органи, со цел да се запознаете со содржината, а воедно и неоспорно ќе можете да ја утврдите веродостојноста на моите тврдења и да ја увидите тортурата што се спроведува врз мене како поединец од еден цел организиран систем, кој постапува од позиција реална моќ и влијание.
Воедно, во ова известување Ве информирам дека од моја страна, како што веќе беше и најавено, иницирана е кривично-правна операција, со кодно име ‘Бумеранг’ пред ОЈО за ГОКК Скопје и во негови рамки е оформен предмет од страна на јавниот обвинител Ислам Абази, па во тоа име до Вас испраќам барање и неприкосновена замолница за помош од Ваша страна и во најкус можен рок да ме посетите Вие лично или делегирано лице од Ваша страна во КПУ ИДРИЗОВО бидејќи се соочувам со сериозни закани, уцени, негативни дејства и појави од страна на поединци, кои се директно засегнати од целата оваа актуелна состојба, а тие се со реална моќ и влијание. Во име на Вашата императивна заложба за владеење на правото во нашата земја, во име на заштита на моите основни човекови права, а сето тоа во рамките на Вашите надлежности, Ве молам да постапите по ова известување и по мојата изразена замолница до Вас и да ме посетите во најкус можен рок.
Она што би сакал да го издвојам за крај во ова известување до Вас е следново: За жал, во нашата држава правото е заменето со неправото, криминалните девијантни појави од високите структури се покриени со наклонетоста и спрегата со правораздавачите, кои, наместо да се борат со криминалот, учествуваат во него и вистинските криминалци се на слобода и имаат активно учество во општата заедница, која со нивното влијание и диктат ја прават несигурна заедница, каде што системот е целосно девастиран и ставен во функција на поединци моќници за остварување на нивните лични цели и интереси, а поединците, како во овој случај, јас, Бојан Јовановски, со прекар Боки 13, сме жртви на таквиот систем и осудени со нарачани незаконити судски пресуди бидејќи јас, во свое лично име, говорам гласно, го користам правото на јавно информирање на негативните појави и состојби, ги барам моите законски права и можности и подготвен сум до крајот да се борам против вистинските сторители на кривични дела, кои мораат да бидат соодветно санкционирани токму заради доброто на сега разрушената општа заедница во нашата држава.
Во име на сето наведено, Ве молам за разбирање, помош и заштита од Ваша страна бидејќи сум апсолутно загрозен.
Доколку се јави потреба од Ваша страна за дополнителни информации и прашања во врска со моето известување кон Вас, можете да стапите во контакт со моите бранители м-р Владимир Туфегџиќ и Сашко Дукоски, адвокати од Скопје“.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.
Македонија
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Тој кажа дека од почетокот тврдел дека евентуалната постапка за негово разрешување е политичка одлука.
Тој предмалку ја соопшти одлуката на прес-конференција во Обвинителството. Коцевски рече дека си заминува од функцијата гордо и со крената глава.
„Функцијата што ја вршев нешто помалку од две години ја извршував чесно и достоинствено, заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради непочитување на принципите врз кои почива правната држава. Доказ за тоа е дека дури денес во 10 часот, на само еден час пред закажаниот почеток, ми беше доставена покана од Собранието да присуствувам на седницата за која ќе се раправа за мое разрешување. Предлогот за мое разрешување не ми е доставен и немам на што да се произнесам“, рече Коцевски.
Тој вели дека е јасно оти предлогот за негово разрешување не е заснован ниту на закон ниту на факти, туку претставува преседан со далекосежни последици врз независноста на Јавното обвинителство.
„Овој предлог како основи за разрешување содржи само три реда, а ниту еден од нив нема образложение или аргументирана поткрепа. Законот е јасен: државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денеска се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење по предлогот на Владата, како уставно и законски надлежен орган задолжен да ја штити независноста на јавното обвинителство. Оттука, самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана“, вели Коцевски.
Според него, предлогот за негово разрешување е дојден затоа што јавно и отворено зборувал за проблемите во обвинителството.
„Јас знам зошто денес стојам тука пред вас. Тоа не е заради мое непрофесионално работење. Тоа не е заради недостаток на резултати. Туку затоа што, како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување. Убеден сум дека стојам тука пред вас и затоа што се зафатив со еден навистина значаен и тежок процес – прочистување на редовите на обвинителството. Јас сум првиот државен јавен обвинител кој, по донесувањето на Законот за јавно обвинителство во 2021 година, изврши контрола на работењето на вишите јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, рече Коцевски.

