Македонија
Стојаноски: Помпео предупреди за подмитување од кинески фирми при зделки, а власта избра кинеска фирма за надзор на коридорите

Артан Груби се изрезили себеси, а ја изрезили и Македонија, за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д првин избрал руска фирма, а сега кинеска, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на прес-конференција.
Опозициската партија наведе дека надзорот над американската „Бехтел“ во Македонија, поради Груби, ќе го врши кинеската „Ептиса“, која од 2016 година е во целосна сопственост на кинеската „ЈСТИ груп“, а од 2022 година целиот врвен менаџерски тим е составен од Кинези, па така Шаонин Жу е потпретседател на бродот на директори на „Ептиса“, Чао Ванг, финансиски шеф на „Ептиса“, и Јиран Меи, менаџер на „Ептиса“ – се раководниот кадар на спорната компанија за која Владата, иако велеше дека е криминална, ја избра за надзор на проект вреден речиси 2 милијарди евра.
„Груби велеше дека ова не е истата ‘Ептиса’, да, оваа ‘Ептиса’ од 2022, покрај тоа што е со целосно кинески капитал, а во целост водена од Кинези, бидејќи Кинез е главниот извршен директор. Не знаеме дали овие Кинези на Груби му личат на Шпанци, но знаеме дека го компромитира целиот проект и подобро е сега да се поништи постапката за надзорот и да се избере нов отколку подоцна сите да ги платиме последиците кои може да дојдат. Ова е единствен случај во светот каде што кинеска компанија ќе контролира американски гигант, за какви криминални врски станува збор со Владата на Груби и Ковачевски?
Груби и Ковачевски со изборот на ‘Ептиса’ одат во целост против ставот на американската администрација, искажан од државниот секретар Мајк Помпео при неговата посета во Охрид, кој гласи: Сакам да ве предупредам за учеството на Кина во чувствителни технологии и нивната стратегија за подмитување при обезбедување зделки“, рече Стојаноски.
Пратеникот наведе дека Груби и Ковачевски ѝ овозможиле на кинеската „Ептиса“ да има увид на технологиите на „Бехтел“.
Побара од Јавното обвинителство да отвори случај за изборот на надзорот и со големо внимание да ја земе предвид и изјавата на државниот секретар на САД, Помпео, кој предупредува на корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.