Македонија
Низ пет земји ќе се патува со лични карти – Владата го ратификуваше Договорот

Владата го утврди текстот на Предлогот на Закон за ратификација на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан.
„Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан е склучен во Берлин на 3 ноември 2022 година меѓу шесте земји во регионот и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, а е иницијатива на нашата земја од зедничкото ко-претседавање со Бугарија со Берлинскиот процес, со намера да се преслика моделот на билатерални договори за слободно патување со лични карти. Договорот, според образложеното од предлагачот, има за цел натамошно унапредување на соработката и олеснување на условите за патувањето, вклучително и унапредување на односите помеѓу земјите од Западен Балкан, преку поедноставување на административните постапки во поглед на влез, транзит и краткорочен престој на лицата носители на лични карти, издадени од наведените земји. Владата го утврди и текстот на Предлогот на закон за ратификација на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан“ велат од Влада.
Тие дополнуваат:
Договор, според информацијата од Министерството за надоврешни работи е во согласност со Лисабонската Конвенција за признавање на квалификации коишто се однесуваат на високото образование во европскиот простор, како дел од иницијативата за формирање Регионален Економски Пазар 2021-2024, согласно заклучоците од Самитот на лидерите на Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес во Софија (2020 година), а е во насока на постигнување успешна и целосна имплементација на одредбите за внатрешен пазар на ЕУ, во рамките на сите шест земји од Западен Балкан.
Со Договорот се уредува признавањето на високообразовните квалификации, продолжувањето на студиите и пристапот до нерегулираниот пазар на труд во секоја од Страните.
Владата го утврди и текстот на Предлогот на Закон за ратификација на Договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите, во контекст на Централно-европскиот Договор за слободна трговија.
Договорот, како што е објаснето од предлагачот, предвидува автоматско признавање на професионалните квалификации врз основа на минималните барања за трите професии утврдени со овој Договор и со Директива 2005/36/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 7 септември 2005 година, за признавање на професионалните квалификации, изменета со Директивата 2013/55/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 20 ноември 2013 година.
Договорот предвидува заедничка постапка за признавање на професионални квалификации, постапката за регресно признавање квалификации, ги предидува јавните исправи коишто се потребни за признавање на професионалните квалификации, за употреба на професионални звања на квалификации, како и употреба на академски звања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Време е за ресетирање на правосудниот систем

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Сопиште, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“.
Тој се осврна на темата за правдата во државата, а го потенцираше правосудниот систем кој според него, треба да биде непристрасен, да има судии кои судат според законот, процедури кои ќе ја вратат довербата, а додаде и дека правдата не смее да биде привилегија на малкумина.
Како што вели Мицкоски, постојат кочници кои се вградени во институциите на државата и функционираат како длабока држава во државата.
„Многу ме прашуваат изминатиов период, зошто и како не правиме реформи во судството, реформи во обвинителството. Тоа е нешто кое што претставува и за сите нас болка, бидејќи и судството и обвинителството се сегменти коишто се уште, претставуваат последните бастиони во одбрана на претходната влада. Ако некој ме праша зошто, затоа што инсталациите таму, и покрај десетиците би рекол, повеќе од стотина пријави кои што доаѓаат од надлежните институции, поткрепени со докази не ги процесуираат, туку ги држат во фиока. Но после овие локални избори, ќе се навратиме и на таа тема“, кажа Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека е време за ресетирање на системот, со цел да се изгради држава на правда, а во истата таа држава на правда правосудниот систем мора да биде непристрасен и непокорлив.
Како што кажа тој, здравствениот систем ќе биде столб на државата, со достапни лекови, модерни болници и стручен кадар.
,,Моментот што го чекале генерации е пред нас време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин брза, достапна и ефикасна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем е биде столб на оваа држава — модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената “, рече Мицкоски.
Мицкоски ги потенцираше кочниците кои се вградени во сите институции и го кочат напредокот на граѓаните, затоа што истите функционираат како длабока држава, низ мрежи кои се шират низ сите институции, а понекогаш дури и низ етничките заедници.
,,Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја гушат работата на државата, кочници што се вградени во институциите, што делуваат тајно или откриено, и тие ја претставуваат во суштина длабоката држава во државата“, заклучи Мицкоски.
Македонија
Утре сончево време со локална облачност

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.