Свет
Компанијата на Трамп под истрага за плаќања преку руска врска

Федералните обвинители во Њујорк почнаа да истражуваат дали „Трамп медија“, компанија основана од поранешниот американски претседател Доналд Трамп, го прекршила законот со прифаќање две сомнителни плаќања во вкупна вредност од 8 милиони долари од два нејасни субјекти, делумно поврзани со Русија.
Првата сомнителна уплата на сметката на ТМТГ во износ од два милиона долари е забележана во декември 2021 година кога оваа компанија беше на работ на банкрот поради истрагата што го прекина планираното спојување на ТМТГ со компанијата „Дигитал ворлд“.
Втората уплата во износ од шест милиони долари била легната на сметката два месеца подоцна, пренесува лондонски „Гардијан“.
Во првиот случај парите пристигнале од „Паксум банка“ во Доминиканската Република, а втората уплата ја извршил „ЕС фемили труст“.
Лице по име Анџело Пачеко е наведено како повереник на „ЕС фемили труст“, а се чини дека е и директор на споменатата Паксум банка.
Руската врска во овој случај е делумниот сопственик на Паксум банка, Антон Постолников, кој наводно е поврзан со сојузникот на Путин, Александар Смирнов.
Обвинението против ТМТГ поради планираното спојување со компанијата „Дигитал ворлд“ на тој начин е проширено за да опфати и некои други сомнителни трансакции, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се нуди награда од 50.000 долари за осомничен за двојно убиство во Минесота

Американските власти во Минесота и натаму трагаат по 57-годишниот Венс Лутер Бетлер, осомничен за убиство на демократската пратеничка Мелиса Хортман и нејзиниот сопруг, како и за ранување на сенаторот Џон Хофман и неговата сопруга.
Државното Биро за кривични дела на Минесота објави дека Бетлер е висок 195 см, тежи околу 100 килограми, има кафеава коса и очи, и последен пат бил виден вчера во Минеаполис, облечен во светол каубојски шешир, темна кошула со долги ракави и светли панталони, носејќи темна торба.
– Не знаеме дали има соучесници, можно е да бил со други лица. Сакам да ги сослушаме сите што можеби биле во контакт со него, изјави полицискиот претставник Дру Еванс.
ФБИ објави фотографија од Бетлер како стои пред домот на еден пратеник маскиран како полицаец, и понуди награда од 50.000 долари за информации што ќе доведат до негово апсење и осуда.
Бетлер живее во округот Сибли, близу градот Грин Ајл, и работи како директор за безбедносни патроли во приватна фирма. Во минатото бил генерален менаџер во синџир продавници и фабрика за храна.
Во 2016 година бил назначен од тогашниот гувернер Марк Дејтон за претставник од приватниот сектор во Советот за развој на работната сила, организиран од гувернерот. Во истиот совет членувал и сенаторот Хофман, жртвата на нападот.
Засега не е јасно дали Бетлер и Хофман имале лична поврзаност.
Американските власти нападите ги опишаа како „чинови на политичко насилство“.
Свет
Германија, Франција и Велика Британија нудат итни преговори со Иран

Германија, Франција и Велика Британија се подготвени веднаш да започнат разговори со Иран околу неговата нуклеарна програма во обид да се намали тензијата на Блискиот Исток, изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.
– Се надевам дека ова сè уште е можно, изјави Вадефул за германската јавна телевизија АРД, додавајќи дека Техеран претходно ја пропуштил можноста за конструктивни разговори.
Тој нагласи дека деескалацијата и долготраен мир во регионот се можни само ако Иран престане да биде закана за регионот, Израел и Европа.
Свет
Еден загина откако се урнаа два воздушни балони над долината Ихлара, дел од познатата туристичка област Кападокија

Два воздушни балони се урнаа во централна Турција, при што загина најмалку едно лице, а 19 се повредени, јави турската државна телевизија ТРТ.
Загинатиот бил еден од лицата што управувале со балоните.
Несреќата се случила при лет над долината Ихлара, дел од познатата туристичка област Кападокија, која е позната по балонските летови и живописниот пејзаж.