Македонија
Молдавските медиуми пишуваат за обид за атентат на Османи, од МНР велат дека не биле информирани за какви било закани
Молдавските медиуми пишуваат дека е избегнат атентат врз македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, за време на неговата посета на Молдавија во својство на претседавач со ОБСЕ.
Како што пренесе медиумот „Реалитатеа“, нападот требало да биде изведен со автомобил бомба.
Од тука наведуваат дека Тираспол, кој е главен град на Транснистрија – регион отцепен од Молдавија, ја обвинил Службата за безбедност на Украина дека стои зад ваквите планови.
Од македонското МНР велат дека не биле информирани, ниту постоеле индикации за какви било закани или можен напад врз делегацијата на ОБСЕ ниту кон претседавачот Османи за време на неговата посета.
„Во рамките на ОБСЕ посетите на делегациите на Организацијата и посетите од страна на претседавачот предвидуваат посебни безбедносни протоколи, кои се во надлежност на земјата домаќин. Реализираните посети на Украина, Молдавија, како и предвидените теренски посети во другите таканаречени загрозени подрачја, се реализираат со јасна назнака дека тоа се посети на делегацијата на ОБСЕ, што во меѓународните односи се сметаат за посети со зголемен ризик и внимателност. Претседавачот имаше целосна доверба во безбедносните служби на Молдавија и во тамошните власти, кои ги гарантираа неговата безбедност и безбедноста на делегацијата“, се наведува во соопштението на МНР.
Се додава дека безбедноста на претставниците на ОБСЕ е од висок приоритет и Организацијата ќе ја продолжи блиската соработка со локалните власти за време на која било посета и на која било локација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

