Култура
Костадиновска-Стојчевска на чествување на 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов во седиштето на УНЕСКО во Париз

Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, утре (21 март) ќе започне програмата за чествување на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов, што е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од УНЕСКО.
По тој повод, ќе се обратат министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Во рамките на посетата е предвидена средба со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.
Славејќи ги творештвото и поезијата на Ацо Шопов, на настанот ќе се одржи меѓународен симпозиум „Поезија, творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“. Во рамките на програмата ќе се одржи и проекција на анимираниот филм „Грозомор“, работен според истоимената песна на Ацо Шопов, инспирирана од скопскиот земјотрес во 1963 година, како и поетскиот перформанс „Долго доаѓање на огнот“, а ќе биде отворена и изложба посветена на творечкиот пат на Ацо Шопов, „Патот по кој чекорам“.
Во рамките на програмата, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното 62. издание на Струшките вечери на поезијата, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.
Настанот е дел од националната програма „2023 – година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Со реномирани џез музичари од Франција и САД започна осмиот Џез фактори фестивал во Битола

Со настапот на Laurant Coulondre од Франција, во Народниот театар во Битола, започна 8 издание на Џез фактори фестивалот, кој оваа година се одржува од 16 ти до 19 ти април.
„Нема да зборувам колку беа тешки изминатите години бидејќи се уште се тешки, како и секогаш кога се работи за уметност е тешко, затоа што бројот на публика и мал и варира. Но, ние се трудиме, се бориме и ќе се избориме. Ќе ни биде полесно после 10. издание, кога ќе броиме двоцифрена бројка“, истакна на почетокот директорот и основачот на фестивалот, професорот Сашо Поповски.
Џез фестивалот минатата година беше избран за една значајна светска асоцијација, од Шангај, Кина каде беше единствен фестивал од Македонија.
„Ние одлично ја претставивме Македонија и Битола, а со тоа ја поставивме на Битола на светската мапа на џез фестивали“, додаде Поповски.
Францускиот џез пијанист Laurant Coulondre е познат по својот иновативен пристап кон музиката. Добитник е на неколку престижни награди и соработувал со истакнати џез уметници како Paul Jackson и Pierre de Bethmann.
„Јас навистина уживав, ми се допадна публиката, имавме одлична размена на енергија. Луѓето беа жедни за повеќе добар звук, а тоа мене ме мотивираше на настапот“, рече тој после концертот.
„Ваквите фестивали се одлични. Одлична можност е и да се патува и промовира и слави музиката. Ова е еден вид подарок во мојот живот, да дојдам во Македонија да ги видам сите тие луѓе кои се вљубеници во џезот“, додаде.
После него следуваше настапот на Corey Wilcox и WORKING CLASS HEROES, (Соединети Американски Држави). Wilcox е мултиинструменталист со неверојатна техничка вештина и музичка разновидност. Како долгогодишен член на Jazz At Lincoln Center Orchestra, настапувал на светски сцени како Carnegie Hall и Newport Jazz Festival.
Фестивалот се организира под патронажа на Општина Битола и партнерство со НУ Народен Театар Битола, а со поддршка на Министерството за култура и Центарот за култура Битола, како и Францускиот Институт од Скопје, Амбасадата на Шпанија, и Делегацијата на Европската Унија. На свеченото отворање беше присутен градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, амбасадорот на Франција, грчкиот конзул, почесниот конзул на Франција во Битола, Калиопа Кривашија Стилиновиќ, директорот на Францускиот институт, гости од други градови, љубители на џезот.
Вториот ден е резервиран за работилницата во соработка со Здружението Пелагонија, JAZZ FACTORY FOR KIDS, промоција на Ненад Георгиевски, Press and play, книга која ја истражува македонската музичка сцена, работилницата на светски познатата саксофонистка Swantje Lampert од Австрија. Концертната програма започнува во 20 часот со настапот на Триото на пијанистот Jaume Miquel од Кралството Шпанија. Ова трио комбинира традиционален и модерен џез. Членовите на бендот се искусни музичари кои настапувале со џез великани како Kurt Rosenwinkel и Dave Holland. Од 21 часот следува настапот на саксофонистката и композиторка Swantje Lampert. Нејзината музика е инспиративен спој на класичен и современ џез стил. Од 22 часот во Паб Бурбон Стрит Битола , настапува квартетот на Јован Цветковиќ од Македонија. Тој е млад и перспективен џез пијанист, наградуван за својот уникатен музички израз. Со својот квартет, носи свеж звук инспириран од традиционалниот и современиот џез.
Култура
СДСМ: Нема плата за Влегден за културните работници

Денес е 17 април. Два дена после законскиот краен рок за исплата на платата, во Светата седмица, на Велики четврток – симбол на смирение и човечност, само три дена пред големиот христијански празник Велигден, вработените во културата сè уште немаат добиено плата за месец март, велат од СДСМ.
Според партијата ова не е само административен пропуст, туку директен удар врз достоинството на оние што ја чуваат нашата културна меморија, ја создаваат уметноста и се грижат за духовното богатство на нацијата.
Да не се исплати плата навреме, велат од СДСМ, а особено во овие празнични денови кога семејствата се собираат, кога традицијата повикува на трпеза, топлина и заедништво – значи да се покаже рамнодушност кон нивниот труд и живот.
„Министерот за култура,Зоран Љутков, потфрли. Потфрли не само како институционален раководител, туку и како човек кој некогаш самиот стоел на сцена и знае што значи љубовта кон културата. Разочарува фактот што токму тој, дојден од светот на уметноста, не покажа ни минимум емпатија и одговорност кон своите колеги – вработените во установите од културата низ целата земја“, велат од СДСМ.
Се додава дека културата не може да биде последна на листата. Луѓето што работат во театарите, музеите, библиотеките, галериите… заслужуваат почит и сигурност, не понижување и несигурност. Оваа ситуација не смее да се повтори.
СДСМ повика на одговорност.
Култура
Бесплатен концерт на македонско-турско дуо во Даутпашиниот амам

Овој четврток, со почеток во 20 часот, во Даут Пашиниот Амам – објект на Националната галерија на Северна Македонија, ќе се одржи концерт на интернационалното дуо составено од Даниела Неделковска (флејта, Северна Македонија) и Пинар Челик (пијано, Република Турција).
Концертната програма опфаќа дела од македонски и турски автори, нудејќи музичко доживување кое ги спојува традициите, културата и естетиката на Балканот и Анадолија. Настанот има за цел да ја потенцира блиската културна соработка помеѓу двете пријателски земји преку јазикот на музиката.
Настанот се одржува под покровителство на Амбасадата на Република Туркије во Скопје, а во организација на Институтот Јунус Емре – Скопје, кој континуирано работи на зближување на културите преку уметнички и образовни проекти.
Влезот за концертот е бесплатен.