Економија
Рекорд за SEAT: повеќе од 1 милион продадени SUV-возила во светот
• Arona е најпродаваниот модел од SUV понудата на SEAT кој успеа да надмине милион продадени единици во трите нејзини модели за шест години
• Разновидноста на Arona, теренскиот карактер на Ateca и просторноста и удобноста на Tarraco се клучните карактеристики за нивната популарност
• Во 2021 година, 46% од сите продадени автомобили во Европа беа теренци, 5 процентни поени повеќе од претходната година

Сензацијата на теренците продолжува со полна пареа. Спортско теренските возила (SUV) заземаат поголем дел од пазарот од година во година. Во 2021 година тие сочинуваа 46% од регистрациите на автомобили во Европа, 5 процентни поени повеќе од претходната година. Јасен пример за оваа еволуција на раст е палетата на теренци на SEAT. Во 2022 година ја надмина границата од еден милион во однос на продажбата на нејзините три модели само шест години по лансирањето на првиот. Минатата година, Arona, Ateca и Tarraco веќе учествуваа со 49% од глобалната продажба на брендот, со 192.100 единици. Дизајнот, разновидноста и спортското возење имаат суштинска улога помеѓу причините за нивната популарност.

Разновиден лидер. 1 милионитиот SUV беше никој друг туку SEAT Arona, секогаш во првите редови. Од лансирањето во 2017 година, првиот урбан SUV на SEAT стана најпопуларниот автомобил на марката, со 481.585 продадени единици на глобално ниво. Бестселер во Шпанија во 2021 година, ова е прв пат SUV да го предводи пазарот во земјата. Од своето деби, продаден е близу 98.000 единици во Шпанија. Се издвојува по својот функционален и практичен дизајн, младешкиот и приспособлив имиџ, вредноста за парите, одличните динамични перформанси и технолошката внатрешност, кои го прават удобен, поврзан и многу безбеден автомобил. SEAT Arona се произведува во фабриката Марторел.

Елеганција на сите терени. По него следи робусната SEAT Ateca, првиот SUV во историјата на марката. Компактниот SUV сега е продаден во 435.443 примероци. Неговите елегантни линии и изразито спортски карактер му даваат непогрешлив идентитет, нагласен со неговата верзија со погон на сите тркала 4Drive, една од најефикасните на пазарот. Има голем број следбеници во Германија, каде што продажбата веќе изнесува повеќе од 108.000 единици благодарение на неговото агилно, стабилно и удобно управување во секоја ситуација, што совршено се совпаѓа со неговата надворешно-патна природа.

Голем по дизајн. Покрај него стои SEAT Tarraco. Лансиран во 2018 година, досега на глобално ниво се продадени 88.820 примероци од овој SUV. Тоа беше првиот модел кој беше именуван со гласање од јавноста во кое учествуваа повеќе од 140.000 луѓе. Неговиот дизајн кој го поставува трендот го подобрува неговото присуство. Сепак, она што најмногу го издвојува е неговата пространост, со ергономски седишта и верзија со 7 седишта, со капацитет на багажникот до 1.775 литри со склопени сите редови на седишта. Дополнително, неговата издигната положба му дава практичност без да се загрози неговото спортско управување со голема прецизност во свиоците. Како и кај Ateca, нејзиниот најголем пазар е Германија, каде што се продадени 29.000 единици.
ПР-Текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.
Економија
Малите и средни претпријатија се ’рбетот на економијата – претставена Националната стратегија за МСП 2025–2030
Министерството за економија и труд денес ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија во наредните години.
Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека Стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.
„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници,“ истакна министерот.

