Регион
Денес почнува примената на Шенгенските правила на хрватските аеродроми
Аеродромите во Хрватска се подготвени да ги применат шенгенските правила, кои започнаа на полноќ. Не очекуваат гужва или застој на првиот ден, а бидејќи е и почеток на летниот ред на летови, повеќето најавуваат зголемување на сообраќајот, достигнување и надминување резултатите од рекордната 2019 година.
Како на патните гранични премини, така и на аеродромите, примената на шенгенскиот режим значи слободен проток на патници кои доаѓаат од тоа подрачје без гранични пасошки контроли. Ова ги прави многу меѓународни летови домашни, така што односот на повеќето аеродроми ќе биде приближно 70 до 30 проценти во корист на домашните летови.
Тоа значи и дека патниците кои летаат од Хрватска или за Хрватска од хрватските и европските аеродроми нема да поминат низ контрола на личните документи, туку само преку безбедносни проверки и потоа влегување во авионот.
За примена на Шенген, најголемиот аеродром во Хрватска, загрепскиот „Фрањо Туѓман“, инвестираше уште еден милион евра во работи за адаптација на просторот, очекувајќи дека преминот низ аеродромот ќе биде полесен и побрз за патниците кои патуваат или доаѓаат од земјите членки на Шенген.
Работите за адаптација кон Шенген опфатија промени на позициите на кабините за контрола на патните исправи, кои се поместуваат од третиот на вториот кат, како и нивно намалување за заминувањето на патниците бидејќи очекуваат помал патнички сообраќај на меѓународните летови во споредба со домашните. Ги проширија и коридорите за патници до мостовите за качување на домашните летови, како и приспособија различни аеродромски системи, сигнализација и друго.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

