Македонија
Сведоштво на татко: Син ми беше нападат во Капиштец од деца додека играше кошарка, деликвентите ѝ се познати на полицијата
Малолетно момче било нападнато во паркот „Капиштец“ во неделата додека играло кошарка.
За случајот информира таткото на момчето, музичарот Петар Младеновски, познат како Пеце Суперхикс, преку социјалните мрежи, кој вели дека нападот врз неговиот син го извршиле четири малолетни лица на возраст од 12 до 16 години.
Раскажува дека син му добил шлаканици и клоци без никаква причина, а се обиделе и да му го украдат баскетот.
Полицијата му кажала на таткото дека станува збор за малолетни деликвенти, сторители на десетици дела, а се штитеници од Домот за деца без родители „11 Октомври“ и тие не може кривично да одговараат за сторените дела, ниту да бидат приведени.
„Добивме повик од синот дека е нападнат и веднаш се упатив кон местото на случката, но таму јас не успеав да ги затекнам. Трчајќи во правец на катната гаража кај ‘Беверли Хилс,’ тие беа препознаени од син ми и успеав некако да фатам и да задржам еден од нив по што мирно и спокојно дојдоа и другите по што повикавме полиција. Немаа никаков проблем да останат и да не избегаат (хм…) Морам да признам дека полицијата (станица Беко, двајца од интервентната и подоцна тројца во униформа) бргу реагира и се појавија на местото каде што бевме. Е, тука следува изненадувањето!
Од полицајците добивме инфо дека ова се веќе познати малолетни деликвенти и сторители на десетици дела, но дека тие се штитеници од Домот за деца без родители (од она што подоцна го дознав, деца со девијантно и проблематично однесување), за кои, искрен да бидам, првпат слушам иако живеам на неполни 700 м од куќата „25 Мај“, која се наоѓа на улицата Елисие Поповски, во близина на „Водњанска“, и дека тие никако не може кривично да одговараат за сторените дела, ниту да бидат приведени.
Имено, тие се дел од некаков, ајде да го наречам „дом-куќа-семејство“, и живеат шестмина во објектот (од вработените дознавам дека сите се проблематични и дека вакви дела се вршат катадневно на територијата на општина Центар и пошироко) и според мој впечаток, буквално се ОСТАВЕНИ САМИ НА СЕБЕ да се движат каде што сакаат и да прават што сакаат. Исто така, дознавам дека имаат и официјално назначени старатели, ама тие се во Штип, Битола итн. итн. и не знам на кој начин и зошто овие лица им се старатели на овие деца. Едноставно, ништо не разбирам и ова е несфатливо.
Мојот син има последици од настанот и трауми што ќе ги влече подолго време. Но, ние ќе продолжиме со пријава на делото во полиција и со прибирање на сите извештаи од лекари, психијатри итн. (иако е веќе дадена и изјавата, ама реакција нема никаква, за жал, барем за сега) и со преземање сите можни дејства за расчистување на случајот и некаква реакција овие малолетнички банди, кои очигледно оперираат подолго време низ Центар, да се стават под некаква контрола бидејќи ова ќе им се случува и на другите од соседството и нема тука да запре. Едноставно, овие деца ама НИКОЈ НЕ ГИ КОНТРОЛИРА. Не знам каков живот ги чека, искрено, ама ова не е во ред и е тажно и за нив.
Стапено е во контакт и со директорката на Домот, добив повик и од кабинетот на министерката Јована Тренчевска, која верувам и лично ќе се заинтересира за случајот и за оваа не баш пријатна состојба и самата ќе се запознае со случајот и ќе реагира. Би сакал со случајот да бидат запознаени (бидејќи ова веќе станува опасно, Капиштец станува Бронкс, а важеше за една од најмирните населби некогаш) Општина Центар и Горан Герасимовски.
Очекуваме помош и од полицијата и од сите што се надлежни да постапат по ова. Не се чувствуваме безбедни во сопствената населба и во паркот „Капиштец“. Ова не е прв инцидент. Се намножија во текот на годините. Реакцијата е млака или ја нема воопшто.
Драги соседи, бидете внимателни и чувајте ги вашите деца, но и себе“, пишува таткото на социјалните мрежи.
„Макфакс“ испрати прашања до МВР дали случајот бил пријавен, од каде што очекуваме одговор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија
Амфитеатарот на Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше полн – претставници од Министерството за здравство, деканот и продеканите на Медицинскиот факултет, раководители на катедри, голем број професори, доктори, специјализанти и претставници на студентски организации присуствуваа на свечената промоција на првите акредитирани учебници по психијатрија, со што се испиша историја во македонската психијатрија.
Уредници на првиот акредитиран учебник „Психијатрија“ се проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, проф. д-р Антони Новотни и проф. д-р Димитар Боневски. Тие се и автори на учебникот „Медицинска психологија и социологија“, заедно со Андромахи Наумовска, виш научен соработник.
Промоцијата на двата учебника ја отвори деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, кој рече дека учебниците ќе остават траен белег во наставата по психијатрија и ќе претставува значаен чекор напред во развојот на психијатриската наука во Македонија.
„Ова е историски момент, затоа што се темели на основите поставени од нашите професори од почетоците на психијатријата во Македонија. Ова се први учебници што се акредитирани и имаат академско, научно и практично значење“, рече Арсова Хаџи-Анѓелковска, директорка на Клиниката за психијатрија и автор на учебниците.
„Информации има насекаде, често расфрлани, без контекст, без тежина, без проверка. Учебникот е нешто сосема друго – тоа е знаење, со вткаено искуство, структура, логика, клиничко размислување, сомнежи, одговори, приоритети – тоа е учебникот што се обидувавме да го направиме и се надевам така ќе го доживеат нашите колеги“, рече во своето обраќање проф. д-р Антони Новотни.
Во однос на учебникот по „Медицинска психологија и социологија“, авторите кажаа дека станува збор за издание кое треба да го прочита секој доктор, бидејќи станува збор за водич за целосно разбирање на пациентите – како личност со своја историја, ставови, надежи и ресурси и дека тука лежи суштината на медицинската психологија – во спојот меѓу науката и човечноста.
Во знак на благодарност за минатиот труд и придонес во развојот на катедрата и наставата, директорката на Универзитетската клиника за психијатрија, Славица Арсова им додели благодарници на професорите во пензија од Универзитетската клиника за психијатрија и на рецензентите, за значаен придонес во развојот и унапредувањето на психијатријата.
Со издавањето на новите учебници, заокружени со денешниот настан, македонската психијатрија добива институционална зрелост – формализирана, акредитирана и систематизирана во сопствено академско издание.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.

