Македонија
Лога: Јавните обвинители мора да постапуваат независно и самостојно при носењето на одлуките
Време е да се врати довербата во правосудството, а јавните обвинители при спроведувањето на постапките и носењето на одлуките да постапуваат самостојно и независно. Министерот за правда, Кренар Лога, во своето обраќање на конференцијата „Подобрување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на јавното обвинителство“ рече дека без видливост на работата и постигнатите резултати, без мерливи и квалитетни споредбени податоци, кои се собираат и обработуваат, исто како во земјите членки на Советот на Европа и Европската Унија, правдата ќе остане слепа и нема, а граѓаните нема да ја добијат уставно загарантираната заштита.
„Идните процеси на дигитализација, на отвореност и транспарентност за Јавното обвинителство, се услов тоа да опстои. Во изминатиот период, иако со посредство и помош на нашите пријатели од меѓународната заедница, беа организирани голем број обуки на луѓето од правосудството во земјата, а особено на судиите и јавните обвинители, отсуствува покривање на можеби најзначајниот дел од нивната работа, а тоа е начинот на спроведување или имплементацијата на нивната независност и самостојност, особено при спроведувањето на постапките и донесувањето на одлуките. Затоа, ве повикувам во иднина при спроведувањето на обуките да се стави акцент на самостојното, законитото, непристрасното и објективното вршење на јавнообвинителската функција. Време е да тргнеме напред и да го поправиме угледот и кај домашната и кај меѓународната јавност и кај институциите“, рече Лога.
Министерот за правда информира дека од 1 јануари годинава Министерството за правда даде насоки задолжително да се применува системот за управување со предмети во јавните обвинителства.
Тоа ќе претставува алатка во извршувањето на основните задачи на јавните обвинителства, со која ќе се обезбеди чување информации, следење и архивирање на предметите, како и увид во нив во секој момент. Со него се обезбедува непрекинат проток на податоци, а основната цел е автоматизирање на процесите преку дигитализација и чување на документацијата обезбедувајќи висок степен на безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

