Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Додека братучедот на Груби гради дивоградба од 160 м2, граѓаните немаат пари да си ја бојадисаат ни оградата на терасата

Нема скандал во последниот месец од кој не излегува на виделина името на Артан Груби. Тоа само покажува дека овој човек заедно со Ковачевски се на врвот на една мафија на власт која умислила дека може да прави што сака, која ги злоупотребува функциите, крши закони и работи исклучиво во своја корист, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека доколку Јавното обвинителство сака да ги забошоти сите скандали за Артан Груби, ќе треба да користи цел шкаф за криење на досиејата, а не само една фиока. Последниот скандал во низата, е информацијата дека братучедот на Артан Груби без дозвола и без соодветна документација почнал со изградба на хациенда од 160м2. Изградбата на оваа дивоградба е прекината од страна на општината Бутел и тоа го изнервирало Артан Груби, па почна со манипулации и лаги да подгрева етнички тензии. Но оваа карта веќе не му поминува кај граѓаните, а најмногу кај Албанците, кои видоа за каков лик станува збор.
Додека Груби и неговите блиски се богатат граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Додека фамилијата Груби стекнува деловни простори и гради хациенди, обичниот граѓанин нема пари оградата на терасата да си ја бојадиса. Додека блиските на Груби стекнуваат хотели и добиваат лиценци за баждарење, стотици луѓе заминуваат во странство заради егзистенција. Додека Груби се радува на скандалозниот тендер од 22 милиони евра, половина милион луѓе живеат во сиромаштија.
Ова мора да престане. Владата на Груби и Ковачевски мора да понесе одговорност за криминалите кои се прават, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Невреме со град, дожд и грмотевици вечерва во Струмица: поплавени улици, паднати дрвја и делови од градот без струја

Откорнати дрвја, поплавени улици и делови од центарот без струја е билансот од невремето со град, дожд и грмежи вечерва во Струмица. За санирање на штетите на терен се јавното претпријатие „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица на Струмица.
Пожарникарите известија дека отстраниле паднато дрво врз автомобил на улица.
„Вечерва (недела) 11.05.2025 година, околу 20.00 часот на ул.Ванчо Китанов, ТППЕ Струмица со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители интервенираше на отстранување на паднато дрво врз автомобил. За кратко време дрвото е отстрането од улицата“, објави Противпожарната единица на Струмица.
Струмичани јавуваат дека невремето почнало пред 20 часот и за кусо време улиците биле поплавени и побелени од град.
Дијаспора
Муцунски се сретна со македонските иселеници во Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.
„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.
Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.
Македонија
Каранфилова-Пановска: Зошто да земеме унгарски кредит, а да не ги користиме парите од европските фондови

„Европа не е само некаков симбол, туку реална можност за подобар живот, но власта нема желба за исчекор во европските интеграции и земјата е ставена во авто блокада“, порача заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, на трибината „За Европа сега и одма“ којашто ја организираше Социјалдемократската младина во Куманово.
Европската унија нуди средства преку Планот за раст и реформската агенда, кои се дополнителни на средствата од ИПА фондовите.
„Овие средства се наменети за реформи, инвестиции и приближување на стандардите на работење до оние на ЕУ, со цел да не ни се случува одлив на мозоци, општините да ни бидат почисти, институциите функционални, образованието и здравството подобри“, рече Каранилова –Пановска.
„Зошто да земеме унгарски кредит од една милијарда евра кој што ќе треба да го враќаме со камати, а не знаеме под какви услови и колку се вкупните трошоци од тој кредит. А притоа да не ги користиме парите од европските фондови кои се дуплирани за овие три-четири години со Планот за раст?, потенцираше Пановска.
Заменик претседателката повика на одговорност од сите политички актери додавајќи дека процесот на пристапување и преговорите со ЕУ, согласно преговарачката рамка, Македонија може да ги заврши за три до четири години доколку има политичка волја за напредок.
„Владата на СДСМ во периодот 2017–2024 година успеа да го обезбеди следниот чекор – отворање на пристапните преговори и продолжување на процесот на пристапување на државата. Но за жал тој процес сега е во стагнација. Имаме владејачко мнозинство коешто е речиси 2/3 и може да го направи исчекорот и да продолжиме во преговорите. Но ние сме ставени како држава и како граѓани во една авто блокада. Не се разумни стравовите од продолжување на патот кон Европската унија, целата таа приказна се користи односно се злоупотребува за политички поени на сегашната власт“, рече Каранфилова-Пановска.
Taa предупреди дека ако не го направиме потребниот чекор, ризикуваме да останеме заглавени со Косово и Босна и Херцеговина, додека Албанија и Црна Гора напредуваат кон членство во ЕУ.