Економија
Преку супервизорски циркулар ќе се јакне заштитата на потрошувачите на банкарските услуги
На одржаната редовна седница на Советот на Народната банка беше донесен Циркулар за финансиските институции за следење и примена на препораките и добрите практики за заштита на правата и интересите на потрошувачите при користењето финансиски услуги од банкарскиот сектор на Македонија.
Имено, Народната банка преку донесениот циркулар воспоставува добри практики во поглед на заштитата на потрошувачите корисници, залагајќи се за правични и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги даваат. При изготвувањето на овој циркулар се користени меѓународни стандарди, европски директиви и практики во овој домен, имајќи ги предвид карактеристиките на банкарскиот систем и банкарската регулатива кај нас.
Циркуларот предвидува одредби за понатамошно подигнување на корпоративната култура и вредности кај банките коишто се фокусираат на правичен и еднаков третман кон клиентите. Исто така, предвидени се одредби и за воспоставување практики за обезбедување соодветни совети и препораки за потрошувачите, засновани на финансиските цели, потребите и знаењето на секој потрошувач, земајќи ја предвид сложеноста на финансиската услуга или производ и ризиците поврзани со нив. Значаен аспект на заштитата на потрошувачите е и достапноста до јасни, релевантни и навремени информации за финансиските услуги и производи, па со Циркуларот се дефинираат и практиките во овој домен. Значајни одредби во Циркуларот се посветени и на поставувањето добри практики поврзани со ракувањето со поплаките од клиентите, при што се очекува дека финансиските институции ќе го унапредат системот за ефективно ракување, како и дека навремено и праведно ќе постапуваат во врска со поплаките на потрошувачите.
Практиките опфатени во Циркуларот имаат за цел да поттикнат воспоставување високи стандарди на одговорно и професионално однесување во финансиските институции кон клиентите и градење култура каде што интересите на потрошувачите се составен дел од деловните стратегии и работењето на финансиските институции.
На истата седница, Советот ја потврди висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјата во висина од 0,75%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2024 година. Одлуката се темели на редовната квартална оцена на системските ризици за четвртиот квартал на 2022 година, којашто потврди дека банкарскиот сектор е здрав и стабилен и отпорен на шокови. Истовремено, се задржани и оцените за постепено зголемување на цикличните системски ризици, во услови на продолжена неизвесност, вклучително и на пазарот на недвижности. Во вакви услови, кога ризиците сѐ уште не се одразиле врз билансите на домашните банки, со противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за јакнење на капиталната сила на домашните банки, со што се јакне и стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, а со тоа и на севкупната финансиска стабилност.
На седницата на Советот беше усвоен и Извештајот за управувањето со оперативните ризици на Народната банка на Република Северна Македонија за 2022 година. Основната цел на овој извештај е да се презентираат резултатите од длабинската процена на оперативните ризици за 2022 година. Управувањето со ризиците е неопходен елемент на доброто корпоративно управување коешто придонесува за ефикасно и ефективно остварување на поставените стратегиски цели, мандат и визија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Се работи на нов просторен план на Македонија, стратешки документ за развој на државата
Изработката на новиот просторен план на Македонија треба да ги даде насоките за просторниот развој на државата со што ќе се овозможат бенефити за целокупното општество. Планот кој го изработува Агенцијата за просторно планирање, а во соработка со надлежни институции треба да понуди нов инфраструктурен концепт за развојот на Македонија, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на настанот по повод 20 години постоење на Агенцијата за просторно планирање.
Како што потенцира тој, Агенцијата има централна улога во обликување на идниот развој на државата.
„Би сакал да ја потенцирам важноста на новиот просторен план од следните причини: Македонија како природна крстосница меѓу Југоисточна и Централна Европа, има геостратешка важност која произлегува од положбата на коридорите Исток–Запад и Север–Југ, односноа Коридорите 8, 10 и 10 – д. Понатаму близината на јужните пристаништа и улогата како транзитна земја за транспорт, енергија и трговијата. Гледаме во овие глобални предизвици колку е важно Македонија енергетски да се поврзува и во таа насока изградбата на интерконекторот кој не поврзува со Грција како и планираниот интерконектор со Србија, ќе значи дека Македонија ќе стане и енергетска раскрсница. А во меѓувреме интензивно се работи и на далноводно поврзување и со Албанија преку далноводот Охрид-Елбасан. Тука се автопатите, железничките поврзувања, логистичките центри, мултимодуларните јазли особено јазолот со вкрстувањето на коридор 10 со коридор 8, подобрување на меѓуграничната поврзанот и др. И затоа сметам дека треба да постои добра соработка со сите институции на изработка на тој документ кој ќе се почитува и со кој ќе се следи развојот на државата”, кажа Николоски.
Тој го потенцира институционалното партнерство со Министерството за транспорт во спроведување на стратешките политики на Владата, а најави дека министерството работи на изработка на софтвер за развој и управување со геопросторни податоци. Вицепремиерот упати честитки за јубилејот на Агенцијата.
Економија
Минт кредит – роденденска акција што носи подарок
Време е за нови можности и убави изненадувања, затоа што Минт Кредит слави роденден, а кога се слави роденден – подароците се задолжителни. Овој пат, Минт Кредит те изненадува со специјален роденденски Mint Store ваучер покрај брзата финансиска поддршка
Избери износ што ти одговара и добиј подарок::
• Кредит до 30.000 МКД – ваучер од 1.000 МКД
• Кредит до 60.000 МКД – ваучер од 2.000 МКД
• Кредит до 300.000 МКД – ваучер од 3.000 МКД
Брзо, едноставно и без компликации:
✔️ Минимум 12 рати рок на отплата
✔️ Онлајн апликација од каде било
✔️ Одобрување за само 10 минути
Искористи ја роденденската акција и добиј повеќе вредност со секоја апликација – финансиска поддршка плус Mint Store ваучер за шопинг.
Минт Кредит – Кога вредноста е двојна, изборот е јасен.
Аплицирај на Минт Кредит За повеќе информации јави се контактирај се на 15 107, или во една од нашите канцеларии.
*Подарокот важи за одобрени и исплатени кредити.
ПР
Економија
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
Д-р Фатих Шахбаз е назначен за нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје. По успешно спроведените законски и регулаторни процедури, Народната банка даде одобрение за назначување на новиот ГИД, кој банката ќе ја води во следниот период. Со оваа одлука Халкбанк продолжува со стратегиски ориентиран и стабилен развој под раководство на искусен професионалец, кој зад себе има повеќе од две децении богато искуство во банкарскиот сектор.
Д-р Шахбаз својата кариера ја градел во рамките на Türkiye Halk Bankası A.Ş., каде последователно извршувал различни значајни функции, од специјалист, внатрешен инспектор, директор и раководител на филијала, до менаџер на оддел и директор на група. На 1 декември 2022 година бил назначен за заменик генерален директор задолжен за Управување со човечки ресурси и Секторот за поддршка, а од 17 јули 2025 година ја извршувал функцијата заменик генерален директор задолжен за Управување со поддршка и Дигитална трансформација.

Неговото академско образование, богато професионално портфолио и долгогодишната експертиза како и искуството во менаџирање со клучни сегменти од банкарското работење, претставуваат силна основа во понатамошниот развој и водење на Халкбанк во Македонија.
Халкбанк АД Скопје е стабилна и високо позиционирана банка на македонскиот пазар, еден од најзначајните двигатели на економијата во државата и стабилен партнер на македонските компании и граѓани, со континуиран раст и силни финансиски показатели. Банката ја заврши 2024 година со актива од 1,852 милијарди евра, кредитно портфолио од 1,17 милијарди евра, депозитна база од 1,325 милијарди евра и нето добивка од над 30 милиони евра. Веќе во вториот квартал од 2025 година активата порасна на 1.922 милиони евра, што е раст за шест месеци од речиси 71 милион евра, депозитната база достигна 1.443 милиони евра, додека кредитирањето вкупно се зголеми за речиси 158 милиони евра, резултати кои ја потврдуваат довербата на клиентите, професионалноста на тимот и стабилната улога на Банката во економијата.
Со поставувањето на Д-р Фатих Шахбаз за Главен извршен директор, Банката продолжува со јасна визија, стратегиски развој и посветеност во унапредувањето на финансиските услуги, дигиталните решенија и поддршката на економскиот раст и развојот на македонскиот пазар.
ПР

