Македонија
Kовачевски – Пленковиќ: Просперитетен и европски Западен Балкан е цел што заеднички ќе ја постигнеме
Премиерот Димитар Ковачевски, денес, беше домаќин на хрватскиот претседател Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој е во официјална посета на земјата.
Пленковиќ, кој ја предводи високата делегација од Хрватска, беше пречекан со највисоки државни и воени почести во земјата.
Двете делегации имаа билатералната средба по што двајцата премиери одржаа заедничка прес-конференција.
„Владата на Северна Македонија и јас лично ќе продолжиме засилено да работиме во насока на продлабочување на односите со Хрватска, проширување на соработката, зацврстување на заемната доверба, разбирањето и добрососедството.
Знам дека ова не е само мој личен или став на оваа Влада, туку став на секоја влада од осамостојувањето на нашата држава до денес бидејќи со Хрватска нè врзува не само заедничко минато туку и желба за подобра заедничка иднина во ЕУ.
На ова треба да се додадат и неколку факти: нашите две држави немаат отворени прашања, во континуитет заедно го градиме и продлабочуваме политичкиот дијалог, ги зголемуваме економската и трговската соработка и постојано трасираме нови правци за меѓусебна соработка“, рече премиерот Ковачевски во своето обраќање на заедничката прес-конференција со премиерот на Хрватска, Пленковиќ, додавајќи дека за одличните билатерални односи зборуваат дури 44 склучени меѓународни билатерални договори и документи, а во фаза на иницијатива се уште 15 други договори.
Премиерот нагласи дека во наредниот период ќе се работи на унапредување на економската и трговска размена со Хрватска.
„Имаме потреба и од зајакнување на соработката и во сферата на туризмот и поддршка на Програмата за стручна едукација на македонски студенти по туризам на јадранското крајбрежје, а од мај 2023 до октомври 2023 ќе биде воведена и сезонска линија Скопје – Сплит – Скопје, што е уште еден знак на продлабочување и соработка и на лесниот и побрз транспорт на нашите граѓани помеѓу овие две земји“, рече премиерот Ковачевски.
Тој ја најави можноста за организирање заедничка седница на двете влади со цел интензивирање на соработката.
Премиерот Ковачевски се осврна и на претстојниот процес на носење уставни измени.
„Уставните измени, кои подразбираат вклучување и на Хрватите во нашиот Устав, се пред нас и се надевам и повикувам дека за нив ќе успееме како општество да најдеме натпартиски консензус. Преку заштитата на правата на заедниците го штитиме не само идентитетот на другите туку и сопствениот и заедничкиот, на кој се гордееме како функционално демократско, мултикултурно и мултиетничко општество, без разлика од каде доаѓаме.
Тој модел на соживот, на негување на различностите како основа за иден развој и прогрес го имате и Вие, колега Пленковиќ, во Хрватска, и токму затоа убеден сум дека ние, денес, сме на вистинскиот пат, кој ќе обезбеди европска иднина за нашите граѓани, кои сакаат да живеат во Европската Унија, но тука, дома, во својата родна земја членка на ЕУ.
Како Хрватите што живеат во ЕУ, меѓутоа живеат во ЕУ во Хрватска – членка на ЕУ“, истакна премиерот Ковачевски порачувајќи дека темелите на државата се градат врз храбри државнички одлуки.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во своето обраќање на заедничката прес-конференција со премиерот Ковачевски ги истакна одличните пријателски односи меѓу Република Хрватска и Република Северна Македонија, како и партнерството и сојузништвото во рамките на НАТО.
„Сметам дека за неколку години Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, а Хрватска на тој пат од срце и без какви било услови ѝ помага веќе повеќе години. Можам да кажам дека станува збор за два пријателски народа, две пријателски земји и со нетрпение ги очекувам денешните разговори, кои ќе дадат една нова меѓудржавна димензија, меѓутоа и регионална и европска димензија“, истакна премиерот Пленковиќ.
„Задоволен сум што можам да се потсетам на она што го кажа премиерот Ковачевски, а тоа е кога Хрватска претседаваше со Советот, беше донесена нова методологија за преговори и тогаш беше одлучено да се отворат преговорите за приклучување на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ.
Сега сме во фаза тие финални процеси да ги забрзаме, тој пат да добие своја динамика и во контекст на давање на статусот кандидат и на Украина и на Молдавија, како и условен кандидатски статус на Грузија, како и давање статус на кандидат на БиХ, и фактот што и Косово во декември минатата година поднесе барање, сега Северна Македонија може да го забрза тој процес.
Хрватска во тој процес ќе ѝ помогне“, порача премиерот Пленковиќ додавајќи дека сега е време да се повлекуваат вистинските потези и да се направат стратешки одлуки, кои ќе овозможат раст на стопанството, како и подобра социјална ситуација на сите граѓани на Македонија.
Тој посочи дека еден од начините на кој Хрватска ѝ помага на Северна Македонија е и советодавната помош од г. Дробњак, главниот преговарач на Хрватска за преговорите со ЕУ, кој ѝ помага на Владата на Република Северна Македонија во однос на евроинтеграциите.
На планот на економијата, хрватскиот премиер Пленковиќ истакна дека трговската размена веќе изнесува 300 милиони евра и дека му е особено драго што голем број македонски туристи ја посетуваат Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

