Македонија
Ковачевски и Пленковиќ на средба со г. г. Стефан: Изградбата на православниот храм за Македонците во Загреб е во духот на мултикултурализмот, кој силно го поддржуваме
Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со својот хрватски колега Андреј Пленковиќ, во рамките на неговата официјална посета на земјата се сретнаа со поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан.
На средбата, неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, заедно со премиерот Ковачевски, упати голема благодарност до хрватскиот премиер Пленковиќ за поддршката на хрватската Влада во изградбата на македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ во Загреб.
На средбата заеднички беше констатирано дека со изградбата на овој православен храм, прв од ваков вид, изграден на територијата на поранешна СФРЈ, се остварени децениските желби на македонското национално малцинство за свој верски дом во Хрватска.
Поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан, и премиерот Ковачевски истакнаа дека неизмерно го ценат потегот на градот Загреб, кој додели земјиште за да се реализира изградбата на црквата, како и за донациите на Загреб и Сплит и донациите на нашите државјани, Македонци во Хрватска, кои ја помогнаа изградбата на овој православен храм во Загреб.
Премиерот Ковачевски потенцира дека со изградбата на православниот храм за потребите на македонското малцинство хрватскиот народ ги негува мултикултурниот дух и почитувањето на правата на различните малцинства што живеат во Хрватска.
Притоа беше истакнато и дека нема отворени прашања меѓу Католичката црква и МПЦ-ОА, која е во канонско единство со сите други православни цркви.
На средбата поглаварот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан, и премиерот Ковачевски на премиерот Пленковиќ и на хрватскиот народ им упатија честитки во пресрет на претстојниот христијански празник Велигден, кој припадниците на католичката вероисповест го прославуваат неделава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos

