Македонија
Одбележани 30 години членство во Обединетите нации
Денес во Министерството за надворешни работи се отвори изложба, по повод 30-тата годишнина од членството на Република Северна Македонија во Обединетите Нации (8 април 2023). Настанот беше во ко-организација со Државниот архив на Република Северна Македонија, како и во соработка со Националниот Координатор на ОН во Скопје.
Во нејзиното обраќање заменик министерката за надворешни работи Фатмире Исаки ја истакна важноста од членството на земјата во семејството на Обединетите нации и воедно рече дека Северна Македонија докажа дека со дипломатија и дијалог, со разбирање, толеранција и по пат на компромис, можат да се решат и најтешките прашања и да се придобијат нови пријатели и сојузници.
„Република Северна Македонија продолжува да ги развива односите со земјите членки на ООН и се залага за јакнење на ефективниот мултилатерализам, во функција на обезбедување на мир, стабилност, развој на демократијата и човековите права, економски и социјален просперитет на регионално и глобално ниво. Како претседавач со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација, ги промовираме овие принципи кои суштински произлегуваат од Повелбата на ОН и чија реафирмација во актуелниот момент е попотребна од било кога порано. Го правиме тоа посветено и со уверување, бидејќи и самите знаеме што значи да се бориш за принципи, за правото на самоопределување, за меѓународно признание. Од прифаќањето на првата превентивна мисија на ОН до претседавањето со ОБСЕ, изминат е долг и мачен пат, исполнет со неизвесности и предизвици, но и со моменти на гордост и признанија. За сето време, не одржа пред се вербата во самите себе, вербата во нашите граѓани, во нашето право да постоиме и опстоиме. Верувавме и во принципите содржани во Повелбата на ОН и во неопходноста од дијалог, соработка и компромиси во решавањето на отворените прашања.“ истакна Исаки.
Директорот на Државниот архив на Република Северна Македонија, Емил Крстески рече дека јубилејот беше поттик за Министерството за надворешни работи и Државниот архив заеднички да бидат носители на проектот-изложба, која денес се презентираше, а сведочи за едни бурни времиња за кои младите генерации треба да знаат.
“Самиот прием во светската организација не е одненадеж, напротив има сопствен развој на дипломатски и државнички активности. Авторите на изложбата ќе ве поведат низ патување во времето, во моментот кога Генералното собрание на Обединетите нации со акламација ја прифати нашата држава за 181. полноправна членка на Светската организација. Документите се основен извор на минатото, но исто така и усните сеќавања на современиците на настаните се извонредно значајни.” истакна Крстески.
Пред гостите се обрати и Росана Дуџак, Постојан Координатор на ОН во Скопје, која подвлече дека во светот кој континуирано ни создава предизвици на секој фронт, мултилатерализмот е под постојан тест. Но и дека покрај сите предизвици со кои се соочи, во сите донесени одлуки, без разлика колку е тешко и предизвикувачко, Северна Македонија никогаш не ја оспори важноста на заедничката работа и тоа е нешто што мора да се препознае и да се слави.
“Затоа денеска, исто така, сакам да оддадам признание за активното учество на земјата во сите меѓународни тела, во сите комисии, во сите дискусии и во сите процеси на Обединетите нации. Северна Македонија континуирано демонстрира посветеност кон Агендата 2030, и покрај сите предизвици со кои се соочува. Земјата го финализираше својот прв доброволен национален преглед во 2020 година за да го следи напредокот постигнат кон Агендата 2030, во многу тежок контекст, на самиот почеток на пандемијата на Ковид19” додаде Дуџак.
На настанот присуствуваа дипломатскиот кор во Северна Македонија, како и претставници на државните институции.
Изложбата продолжува да биде отворена следните две недели во Музејот на македонската борба за самостојност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Светна новогодишната елка! Отворен и Божиќниот маркет во Скопје
Во Скопје вечерва светна новогодишната елка и официјално беше отворен Божиќниот маркет, со што симболично беше означен почетокот на празничната магија во главниот град.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, им се заблагодари на скопјани, особено на најмладите, за масовното присуство, радоста и позитивната енергија што, како што наведе, заеднички ја споделиле на настанот.
„По години сивило, Скопје повторно блесна“, порача Ѓоргиевски, додавајќи дека со оваа церемонија градот направил значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови, преку создавање настани што носат заедништво и радост за сите генерации.
Градоначалникот оцени дека оваа вечер ќе остане запишана и ќе прерасне во убава традиција, упатувајќи благодарност до сите граѓани што со своето присуство ја направиле ноќта посебна.
„Време е Скопје повторно да живее со светлина, насмевки и празнична топлина“, порача Ѓоргиевски.
Со свеченото украсување и отворањето на Божиќниот маркет, Скопје официјално влезе во празничниот период. Ѓоргиевски претходно денес најави повеќе настани во таа насока.
Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања. Секој викенд од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на најмладите со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.
„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 период во кој градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека Скопје ќе живее во полн празничен ритам. Напладне на Плоштад Македонија ќе дојде дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни.
Посебна можност во празничните денови Град Скопје ќе им даде на талентираните средношколци.
„Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат сите дел од новогодишната магија создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и позитивна енергија“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека имал само една желба околу дочекот, забавата да ја направам домашни музички ѕвезди, па за дочекот се најавени Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.
Зимската бајка Град Скопје ја организира со финансиска поддршка од Државната лотарија на Македонија.
Македонија
Првите подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро открија редок органски материјал
Преспанското Езеро годинава е во фокусот на значаен археолошки настан, откако за првпат во овој регион беа реализирани подводни археолошки истражувања, кои донесоа исклучително вредни откритија за културното наследство на Северна Македонија.
Истражувањата се спроведуваат од НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамките на проектот ACT4PRESPA. Целта е идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу Преспанското Езеро.
Во првите две фази, стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Република Грција до границата со Република Албанија. При тоа беа евидентирани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен се издвојува локалитетот во близина на селото Наколец, каде што започнаа сондажни археолошки истражувања, реализирани во два циклуси.
„Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, изјави Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
Поради повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи детални сондажни истражувања. На локалитетот кај село Наколец е откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Особено значајно е откривањето на предмети изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи.
Станува збор за прв и засега единствен пример на зачувани органски материјали од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот кај Наколец претставува и прв познат пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век.
„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање, што ни овозможува уникатен увид во минатото“, објаснува Петров.
Првичните анализи укажуваат дека средновековните жители на Преспа претежно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што е неочекувано со оглед на близината на езерото. Податоците, исто така, сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
„Исклучителните наоди од истражувањата кај село Наколец се од непроценлива важност не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат значаен потенцијал за развој на културниот туризам во регионот“, изјави д-р Мери Стојанова, координатор на проектот ACT4PRESPA од НУ Завод и музеј – Битола.
Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Лајбниц-центарот за археологија во Германија. Процесот се очекува да трае најмалку една година, по што предметите ќе бидат презентирани пред јавноста.
Истражувањата се реализираат со активна поддршка од локалната заедница, која во повеќе наврати пријавувала пронајдоци и учествувала во заштитата на локалитетите.
Проектот ACT4PRESPA се спроведува во рамките на програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој.
Македонија
Дел од Општина Центар утре без вода поради уличен дефект
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре, 16 декември 2025 година (вторник), поради уличен дефект на булеварот „Св. Климент Охридски“, спроти Соборниот храм, ќе има прекин на водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до паркингот ЈАТ.
Прекинот е најавен во периодот од 08:30 часот до завршување на санацијата на дефектот, соопштуваат од претпријатието.
Засегнато подрачје е Општина Центар.

