Култура
Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ: Уништување на македонското културно наследство по терк на Артан Груби
Владата на ДУИ-СДС предлага скандалозна измена на Законот за заштита на културното наследство по итна постапка со цел што побрза реализација на Коридорот 8 на Артан Груби. Во ваквата неразумна законска измама се крие голема опасност за културното наследство на Македонија. Имено, ДУИ ја става изградбата на овој коридор над постоечката законска регулатива за заштитеното културно наследство. Така, наместо со Законот пропишаната регулатива во членот 65 (доколку изведувачот на градежните работи дојде до археолошко наоѓалиште е должен веднаш истото да го пријави во надлежната културна установа за заштита), Владата на ДУИ и СДС по кратка постапка бара вметнување нов став во членот 65 со кој се заобиколува оваа процедура и конкретно, членот 129 кој ја дефинира постапката, регира на Фејсбук Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
– Власта, повикувајќи се на јавниот интерес, прави обид културното наследство да го претстави како нечиј личен интерес, а не темел на државноста. При идните градежни активности, со предлог- измените на Законот се предвидува надлежната установа за заштита да биде едноставно премостена и потенцијалните археолошки откритија да бидат пријавувани кај надзорниот инженер на Коридорот 8, без да се нагласи за каков инженер се работи. Тој, „надзорниот инженер“, ќе стане фактор кој ќе ги обезбедува археолошките наоди и ќе го зачува местото и состојбата во кои тие се најдени, пишува во статусот.
Според Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ, поразителен е фактот што со овој Предлог-закон се предвидува известувањето да дојде до „надзорниот инженер“ на Коридорот кој нема апсолутно никакво познавање од археологијата и културното наследство. Тој ќе треба лично да утврди што се нашло при работата и што од најденото се уништило. Надзорниот инженер треба да утврди дали на местото има културно наследство или не, а притоа тој нема никакво познавање од оваа област.
Тие ова го оценуваат како навредувачки став и однос кон македонската археолошка и заштитарска стручна фела. Наместо стручни лица од областа, културното наследство на Коридорот 8 ќе ни го чува и заштитува надзорниот градежен инженер.
– Ова е директен одраз на желбата на оваа власт, ДУИ-СДС, за незачувување и за маргинализација на македонското културно наследство. СДС во случајов, за да си ја спаси и онаа малку кожа што ѝ преостана, не си го продава, ами за бадијала си ги раскрчмува културните докази за македонското постоење, велат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие обвинуваат за јасно манифестирана негрижа воочлива и во неодамнешната изјава на министерката за култура која пред јавноста објаснуваше дека не е ништо страшно Охридскиот Регион да биде ставен на листата за културно наследство во опасност на УНЕСКО.
Зад овој Предлог-закон се кријат многу нешта, влеат од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ. Со него, додаваат, заштитата на македонското културно наследство ќе биде поставена на законските маргини. Токму со тоа, ќе биде дадено зелено светло за трајно уништување на македонското културно наследство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.

