Македонија
Левица: Земјоделското земјиште на удар од коруптивниот Закон за Коридорите 8 и 10

До Собранието на Република Македонија за утрешната седница доставен е предлог-закон за дополна на Законот за земјоделско земјиште, со цел “олеснување” на изградбата на контроверзниот Коридор 8 – чиј координатор е Артан Груби, соопшти Левица.
Со ваквата предлог-измена ќе се одзема земјиште по скратена постапка, дури и таму каде што сопствениците имаат договори со МЗШВ, долгогодишни насади или други инвестици на истото. Ова фаворизирање и кратење на сите законски постапки и процедури во експропријацијата на земјоделското земјиште е во интерес на странската корпорација ,,Бехтел и Енка”, а на штета на домашното население и земјоделското производство, сметаат од Левица.
Потсетуваме, вели Левица, дека со коруптивниот Закон за стратешки интерес за изградба на Коридорите 8 и 10, кој се донесе во 2021 година, се овозможи без јавно наддавање изградбата да ја добие корпорацијата ,,Бехтел-Енка”, за која веќе има низа корумпирани скандали при изградбата на автопати во Косово, Албанија, Хрватска и Романија.
Според Левица, најексплицитен е случајот во Хрватска, каде оваа фирма по втор пат се обидела да добие изградба на автопат без тендер, односно со договор во четири очи. Под дипломатски притисок на ЕУ дека ваквиот пристап ќе го загрози евроинтегративниот процес на државата, хрватската влада се откажала од директни преговори.
Ваквото насилничко и незаконско делување на криминогените СДС и ДУИ потврдува дека немаат никаков капацитет да го спроведат евроинтегративниот процес, додека ги рушат сите постулати на владеењето на правото и правниот поредок, се вели во сооштението од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Метеж на границите: се чека до 40 минути на Табановце за влез и на Богородица за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
Денеска, во временски период од 08:00 – 17:00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на регионалниот пат во село Доброшане кон Свети Николе до место викано Студена Вода ќе биде во прекин, извести АМСМ.
Исто така во време од 09:00 часот до 14.00 часот поради обезбедување на велосипедска трка, сообраќајот на стариот пат за Крива Паланка на потег на место викано Салон кај ресторан Фемили па по регионалниот пат Куманово кон граничен премин Пелинце до Меморијален центар АСНОМ во село Пелинце ќе биде во прекин.
Повремено затворање на регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце е планирано и за наредниот ден.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30-40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Муцунски ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи: зајакнување на односите меѓу двете земји во фокусот на разговорите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во 12:00 часот, во рамки на работната посета на Атина, ќе оствари средба со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Гераптеритис.
Како што извести Министерството, во фокусот на разговорите се очекува да бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување.
Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници, се додава во соопштението на Министерството.
Македонија
Сончево и многу топло со температури до 41 степен

Времето денеска, сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 35 до 41 степен.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне до 41 степен.
До сабота (26.07) ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Дневната температура наместа ќе надминува 40 степени и насекаде ќе биде над просекот за месец јули.
Во недела ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а дневната температура ќе биде во опаѓање.
Фото: принтскрин