Забава
Од Бијонсе до Хари Стајлс: зошто ѕвездите избираат стадиони, а не сали

На најголемиот британски стадион „Вембли“ во 2022 година се одржаа еднаков број концерти и фудбалски натпревари. Имаше 16 распродадени концерти, како оној на „Колдплеј“ или Ед Ширан, а беа купени вкупно 1,3 милион билети.
Трендот на турнеи на стадиони го почнаа легендарните „битлси“ во 1965 година и оттогаш најголемите поп-ѕвезди, како Мајкл Џексон, Мадона, Еминем, ја презедоа практиката.
Но, како што објави Би-би-си, стадионите веќе ги надминаа концертните сали и станаа прв избор за големи турнеи во Обединетото Кралство.
„Зошто уметниците нè избираат нас? Поради големината“, вели Стив Дејвидсон, главен оперативен директор на фудбалскиот клуб „Сандерленд АФЦ“.
„Трошоците за одржување на толку големи светски турнеи се огромни, така што уметниците мора да распродадат повеќе места за да бидат исплатливи“, додава тој.
Дејвидсон тврди дека Stadium of Light (Стадион на светлината) може да прими 60.000 луѓе на вообичаен концерт. Овој факт ги натера Бијонсе и Пинк да настапуваат во североисточниот дел на Англија во текот на летото.
„Имаме простор и сме лоцирани во центарот на градот. Тоа е привлечно за промотерите на концертите“, вели Дејвидсон и додава дека уметниците вложуваат повеќе труд на сцената и на продукцијата, што значи дека патуваат во придружба на многубројни камиони.
„Некои уметници пристигнуваат со 90 камиони, а ние имаме доволно простор да ги сместиме сите“.
Фановите на Бијонсе на социјалните мрежи предвидуваат дека нејзината сцена на претстојната светска турнеја Renaissance World Tour би можела да биде широка 53 метри и долга 29 метри, но тие мерења не ги вклучуваат пистата и дополнителната помала сцена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Кејт и Меланија по свечениот банкет на опуштено дружење во Виндзор

По синоќешниот раскошен државен банкет, принцезата од Велс, Кејт (43), и првата дама на САД, Меланија Трамп (55), утрово се појавија во многу поопуштено издание на дружење со најмладите извидници во градините на Фрогмор во Виндзор.
Двете им се придружија на дваесетина деца на активности во природа – градба на „хотели за инсекти“, игра со лисја и заеднички ручек. Кејт понесе сендвичи со мед од нејзината кошница во Анмер Хол, а Меланија донесе теглички мед од Белата куќа.
Првата дама претходно беше во обиколка на Куќичката за кукли на кралицата Мери и Кралската библиотека, пред да отпатува кон Чекерс, каде ќе се сретне со Доналд Трамп и премиерот Кир Стармер.
Настанот следуваше по државниот банкет во чест на Трампови, кој вчера беше организиран во замокот Виндзор.
Забава
Татко од забава зел детектор за метал, неколку часа подоцна пронашол вистинско богатство

Британец стана локална сензација, откако вторпат во животот зел во раце детектор за метал и пронашол артефакт со непроценлива историска вредност.
Неговата приказна беше објавена на „Редит“, каде што привлече големо внимание, пренесува „Мирор“.
Човекот купил детектор затоа што сакал ново хоби. Прво успеал да пронајде монета од 1904 година, не насетувајќи што уште го очекува.
Додека пребарувал една парцела, слушнал предупредувачки сигнал од уредот и сфатил дека нашол нешто. Наскоро пред него се појавил голем саксонски прстен изработен од злато! На само 50 метри подалеку пронашол и златен украс во форма на глава од гавран.
Британецот веднаш го пријавил откритието, а надлежните го затвориле целиот локалитет. Понатамошните ископувања ги презеле археолозите.
Авторот на објавата на „Редит“ рекол дека вредноста на пронајдениот артефакт ќе се подели помеѓу пронаоѓачот, сопственикот на земјиштето и државата.
„Оваков настан се случува еднаш во животот“, напишал тој.
Приказната предизвика бројни реакции, а еден корисник коментирал: „Тој е првиот човек кој по толку векови ги допрел овие предмети“.
Друг додал: „Археолозите цел живот трагаат, а никогаш не наоѓаат нешто толку драгоцено“.
Стручњаците истакнуваат дека ваквите артефакти значително придонесуваат за разбирањето на минатото. Но, најголемата вредност е нивниот придонес кон историското и културното наследство.
Забава
Герасимовски: Викендов прв Street Food Picnic под отворено небо во Паркот на франкофонијата

Општина Центар информира дека од 19 до 21 септември во Паркот на Франкофонија ќе се одржи првото издание на Street Food Picnic под отворено небо.
Првото издание на Street Food Picnic има за цел да ја збогати културната и забавната понуда на Општина Центар, обединувајќи ја вкусната улична храна, музиката и забавата во едно големо дружење на отворено.
Во рамки на тридневниот фестивал, посетителите ќе имаат можност да уживаат во десет штандови со разновидна улична храна, креативни работилници за деца, посебно катче за милениците Pet corner, социјални игри за дружење и смеа, како и богата музичка програма во текот на целиот ден и вечерна забава, велат од општина Центар.