Свет
Јапонија загрижена поради заедничките руско-кинески воени активности во близина на нејзината граница
Јапонија е сериозно загрижена поради заедничката активност на руските и кинеските вооружени сили во близина на нејзините граници, се вели во годишниот извештај на јапонското Министерство за надворешни работи објавен денеска.
„Заедничките активности на кинеските и руските вооружени сили во близина на јапонската граница предизвикуваат сериозна загриженост во однос на безбедноста на Јапонија“, се вели во јапонската дипломатска сина книга.
Според јапонското МНР, Русија и Кина ја зајакнале воената соработка во последните години со заеднички воени вежби со бомбардери и патроли со воени бродови во близина на Јапонија.
Руското Министерство за одбрана во повеќе наврати во минатото нагласуваше дека таквите вежби и патроли се спроведуваат во строга согласност со меѓународните закони тврдејќи дека тие не го нарушуваат воздушниот простор на трети земји.
Претходно во понеделникот, откако Пекинг одржа тридневни воени вежби околу Тајван, Токио изрази загриженост и ја истакна важноста на мирот во Тајванската Теснина на состанокот на високи јапонски и кинески претставници.
Во текот на разговорите фокусирани на загриженоста за спорните води во Источното Кинеско Море, Токио го повика Пекинг да го спречи влегувањето на бродовите од кинеската крајбрежна стража во јапонските територијални води.
„Ја пренесовме нашата длабока загриженост за ситуацијата во Источното и во Јужното Кинеско Море и ја нагласивме важноста на мирот и стабилноста во Тајванската Теснина“, се вели во соопштението на јапонското МНР.
Токио протестира и против минатогодишната изградба на два нови објекта во Источното Кинеско Море, каде што Кина изградила повеќе од десетина платформи за истражување гас западно од еквидистантната линија меѓу двете земји.
Областа нема официјална граница.
Во текот на разговорите во понеделникот кинеските власти ги критикуваа неодамнешните негативни потези на Јапонија по прашањата за Источното и за Јужното Кинеско Море, островите Дијаоју (Сенкаку) и Тајванската Теснина, соопшти Министерството за надворешни работи во Пекинг.
Бродовите на крајбрежната стража на двете нации редовно се конфронтираат во водите околу островите кои се под контрола на Јапонија.
Пекинг исто така побара Токио да се воздржи од мешање во проблемот со Тајван и да престане со реториката и делата со кои го нарушува територијалниот суверенитет на Кина и ги поткопува нејзините поморски права и интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

