Економија
„Форбс“: Драстичен раст на бројот на милијардери во Москва

Иако и војната во Украина, но и западните санкции против Русија и голем дел од најбогатите луѓе во Русија се во полн ек и остануваат во сила, Москва се искачи на високото шесто место на листата најатрактивни градови за супербогатите во светот на магазинот „Форбс“.
Руската престолнина годинава е дом на 61 милијардери, што е за осум повеќе од 53 во 2022 година, според најновото рангирање на „Форбс“, што ѝ донесе скок од едно место на листата во споредба со минатата година.
Вкупната нето-вредност на најбогатите жители на Москва наводно изнесува 307,1 милијарди долари, што е за 92 милијарди долари повеќе од 215 милијарди долари минатата година.
Податоците покажуваат дека речиси две третини од најбогатите московјани забележале зголемување на своето богатство, двајца се во истата финансиска состојба како и во 2022, а само двајца забележале намалување на богатството.
Во Москва има 15 милијардери повратници, меѓу кои и Роман Троценко (3,2 милијарди долари), сопственик на корпорацијата „Аеон“, која управува со повеќе од 20 аеродроми во Русија, металуршките магнати Анатолиј Седих (1,8 милијарда долари) и Дмитриј Пумпјански (1,7 милијарда долари), како и Сергеј Кациев (1,6 милијарда долари), сопственик на најголемиот продавач на тутунски производи во Русија.
Сопственикот на рударскиот гигант „Норилск никел“, Владимир Потанин, (23,7 милијарди долари) го зазеде местото на Владимир Лисин (22,1 милијарди долари) како најбогат московјанин.
Најбогат Русин на светот, пак, според „Форбс“, е Андреј Мелниченко со семејството, чија нето-вредност е проценета на 25,2 милијарди долари и се најде на 58. место на листата.
Во однос на вкупната нето-вредност на најбогатите жители, Москва е на третото место во светот по Њујорк и Париз, чија вкупната нето-вредност на најбогатите жители изнесува 617, односно 409 милијарди долари.
Како дом на 101 милијардер со вкупна нето-вредност од 616,8 милијарди долари, Њујорк го зазеде првото место на листата, а по Големото јаболко, следуваат Хонг Конг (70 милијарди долари), Пекинг (68 милијарди долари), Шангај (65 милијарди долари) и Лондон (63 милијарди долари).
Најбогатите жители на овие градови се Мајкл Блумберг (94,5 милијарди долари), Ли Ка-Шинг (38 милијарди долари), Жанг Јиминг (45 милијарди долари), Колин Женг Хуанг (30,2 милијарди долари), и Лен Блаватник (32,1 милијарди долари).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.