Свет
Покренати се тужби поради наводни здравствени нарушувања по вакцинацијата против коронавирус

Во Германија се поднесени 185 граѓански тужби против производителите на вакцини против коронавирус.
Тужителите тврдат дека им наштетила вакцинацијата на нивното здравје.
Според адвокатите, ширум Германија се поднесени најмалку 185 граѓански тужби за наводни штети предизвикани од вакцинација против коронавирусот.
Поднесени се тужби против четири големи производители на вакцини против коронавирус: Бајонтек, Модерна, Астра зенека и Џонсон и Џонсон.
Во сите овие тужби, клучното прашање што треба да се докаже е дали постои поврзаност помеѓу вакцинацијата и штетата. Според адвокатите и лекарите, експертите на крајот ќе треба да пресечат.
Првото судење најверојатно ќе започне на 28 април во Окружниот суд во Франкфурт. На обвинителна клупа ќе биде производителот на вакцини Бајонтек од Мајнц.
Тужителот е жена која тврди дека претрпела оштетување на срцето како резултат на вакцинирање против Ковид-19. Жената, која, според нејзиниот адвокат, и самата е медицински професионалец, сака да остане анонимна.
Бајонтек нагласува дека „досега, во ниту еден од случаите што ги испитале, не е докажана причинско-последична врска помеѓу опишаните здравствени оштетувања и вакцинацијата со нивната вакцина“.
„Многу сериозно ја сфаќаме нашата одговорност како производител на вакцини“, рече портпаролката на компанијата. Секој предмет во кој се поднесуваат тужби против таа фирма е внимателно разгледан, но предуслов е адвокатите да достават доволно документи.
„Кога оценуваме случај, за да процениме дали постои причинско-последична врска или не, можеме да се потпреме исклучиво на медицински факти. За жал, тоа многу често не е случај“.
Во принцип, истите правила за одговорност важат за вакцините против коронавирусот како и за другите лекови, според германскиот закон за лекови или Законот за одговорност за производите.
Производителот може да биде одговорен доколку има дефект во самиот производ. Но, ако, на пример, имало грешка при администрирањето на лекот, тогаш одговорен е тој што вакцинирал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Катар: Ќе продолжиме да се бориме за мир и покрај израелското дивјаштво

Катар остро го осуди најновиот израелски напад во Доха, при што загинаа шест лица, меѓу нив и катарски безбедносен функционер, но истовремено вети дека нема да се повлече од посредничките напори за прекин на војната во Газа.
„Израелското дивјачко однесување нема да нѐ поколеба да ги продолжиме искрените напори заедно со Египет и Соединетите Држави за ставање крај на овој војна“, изјави катарскиот премиер и министер за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани на состанокот на високи дипломати од арапските и исламските земји во Доха.
Ал Тани предупреди дека нападот може да ги поткопа преговорите за примирје и ослободување на заложниците, кои со месеци се во ќор-сокак.
Во неделата во Доха се собраа министрите за надворешни работи на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка (ОИС) во пресрет на итниот самит што ќе се одржи во понеделник. Целта е усогласување заеднички став околу израелскиот напад врз Катар, кој предизвика глобална осуда и дури ретки критики од американскиот претседател Доналд Трамп.
„Овој самит ја отсликува пошироката арапска и исламска солидарност со Катар во соочувањето со израелската кукавичка агресија“, изјави портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџид ал-Ансари.
Според катарските медиуми, лидерите на самитот ќе разгледуваат неколку можности – од недвосмислена осуда на нападот и координиран дипломатски притисок врз Израел на меѓународните форуми, па сè до економски мерки што би можеле да прераснат и во бојкот.
Израел, според официјалните извори, целел врз лидерите на Хамас во егзил. Меѓу жртвите е и синот на Халил ал-Хаја, една од највлијателните личности на Хамас во странство, како и неговиот началник на штаб.
Хамас соопшти дека врвното раководство го преживеало обидот за атентат, но нападот остави сериозни последици врз регионалните дипломатски иницијативи и дополнително ја заостри кризата околу војната во Газа.
Свет
(Видео) Шон Пен за вечерата со Путин: На крајот сфатив дека тој всушност ме измами

Холивудскиот актер Шон Пен се присети на вечерата со Владимир Путин и Џек Николсон, велејќи дека рускиот лидер го „измамил“.
Шон Пен се присети на еден необичен момент од минатото кога делел маса со рускиот претседател Владимир Путин, признавајќи дека сè уште се чувствувал – измамен.
Во емисијата „Џими Кимел во живо“ на 11 септември, актерот реагираше на стара фотографија од себе и Путин со легендарниот Џек Николсон.
Во видеото, тројцата седат на иста маса, во Москва, опкружени со бројни гости, а Кимел се пошегува дека изгледа како сцена каде Путин ќе отруе актер.
Пен веднаш го разјасни контекстот, велејќи дека сè се случило во 2001 година на Меѓународниот филмски фестивал во Москва, каде што пристигнал со Николсон за да го промовираат филмот.
Путин, се присети Пен, неочекувано се појавил на вечерата.
Холивудските актери разговарале со рускиот претседател преку преведувач, но Пен е убеден дека рускиот лидер „знаел и разбирал англиски многу повеќе отколку што покажувал“.
Главната тема на разговор во тоа време била татковството. Имено, Пен веќе имаше две деца, Дилан и Хопер, кои ги дели со својата поранешна сопруга Робин Рајт, додека Путин, според познатите информации, е татко на најмалку две ќерки.
Пен ја опиша атмосферата на масата како речиси кинематографски – околу дваесет од нив седеа на долга маса, но сите ги слушаа исклучиво Николсон и Путин. Тој додаде и дека не е сосема сигурен дали Путин е негов обожавател, но дека несомнено покажал големо восхитување кон Џек Николсон.
И покрај донекаде мистичната и напната атмосфера, Пен денес се навраќа на тој момент со чувство на горчина: „На крајот, сфатив дека тој всушност ме измами“.
Свет
Убиецот по атентатот испраќал пораки: Јас сум Чарли Кирк, ја лажирав смртта за да живеам во Канзас

Њујорк тајмс објави детали за тоа како осомничениот за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк, 22-годишниот Тајлер Робинсон, се однесувал по атентатот.
Пред да биде уапсен, тој испраќал пораки во групен чет на платформата „Дискорд“, шегувајќи се дека самиот е Чарли Кирк и дека ја лажирал смртта за да живее во Канзас.
Еден ден по убиството, пријател во четот го тагирал Робинсон и му испратил фотографии објавени од ФБИ со молба јавноста да помогне во идентификација на осомничениот. Робинсон одговорил за помалку од минута, тврдејќи дека „двојникот“ сака да го вовлече во неволја. Други учесници во групата се пошегувале: „Тајлер го уби Чарли!!!“
Во следните часови, Робинсон продолжил со иронични пораки – се шегувал за наградата од 100.000 долари што ја нудеше ФБИ, дека треба „да го скрие манифестот и пушката“, па дури и дека е „вистинскиот Кирк кој сакал да избега од политиката“.
Во групата коментирал и дека чул дека на куршумите имало пораки за „трансродна идеологија“, иако тогаш тоа сè уште не било јавно потврдено. Подоцна се откри дека на чаурите имало антиидеолошки пораки, стихови од песната „Бела чао“ и мемови поврзани со видео-игри.
Пораките ги споделил со Њујорк тајмс поранешен соученик на Робинсон, кој изразил шок и побарал анонимност. „Дискорд“ не потврдил дали корисничкото име е навистина негово, но се совпаѓа со други негови профили.
Робинсон бил уапсен 34 часа по атентатот, откако неговиот татко и семеен пастор го убедиле да се предаде. Според полицијата, тој дошол на кампусот пред дебатата на Кирк, се качил на покрив околу 120 метри од местото и испукал еден куршум кој го усмртил Кирк.
Членовите на групниот чет подоцна изразиле неверување: „Нашиот гувернер сака да му даде смртна казна“, напишал еден. Друг додал: „Не можам да сфатам дали ова навистина се случува.“